НБА преглед: Јокиќ испиша историја со брутален трипл-дабл, Дончиќ со „четириеска“ ги предводеше Лејкерс!

 

Објавено:

Изминатата ноќ во НБА лигата помина во знакот на Никола Јокиќ и Лука Дончиќ. Додека Србинот поставуваше нестварни рекорди во Колорадо, Словенецот приреди шутерско шоу во Индијанаполис, потврдувајќи дека балканската моќ на паркетите е едноставно незапирлива.

Денвер Нагетс 142 – 135 Далас Маверикс

Никола Јокиќ одигра натпревар кој ќе влезе во сите историски книги. Во победата над Далас, популарниот „Џокер“ забележа трипл-дабл со 23 поени, 21 скок и 19 асистенции. Со оваа партија, Јокиќ стана првиот центар во историјата на НБА кој ја проби границата од 6.000 асистенции во кариерата.

Најзаслужен за триумфот на Денвер беше Џамал Мареј кој постигна рекордни 53 поени. Кај Далас, кој е во сериозна криза со пет порази по ред, најдобар беше рукито Купер Флег со 26 поени, но тие немаа одговор за историската вечер на Јокиќ.

Индијана Пејсерс 130 – 137 Лос Анџелес Лејкерс

Во Индијанаполис, Лука Дончиќ покажа зошто е еден од најдобрите напаѓачи на денешницата. Предводејќи ги Лејкерс до победа, Лука уфрли 43 поени, од кои дури 28 беа во првото полувреме. Словенецот додаде и 7 асистенции и 6 скока, комплетирајќи уште една доминантна партија.

Леброн Џејмс беше на чекор до трипл-дабл со 23 поени, 9 скока и 9 асистенции, додека Остин Ривс додаде 25 поени. Индијана се обиде да се врати по негативата од 29 поени, но магијата на Дончиќ беше преголема пречка.

Бостон Селтикс 119 – 109 Оклахома Сити Тандер

Дербито на последните два шампиони му припадна на Бостон, кој ја прекина победничката низа од 12 натпревари на Оклахома. Џејлен Браун беше незапирлив со 31 поен, 8 скока и 8 асистенции, додека Џејсон Тејтум додаде 19 поени и 12 скока.

Кај Тандер, Шеј Гилџус-Александер постигна 33 поени со речиси совршен шут (10/12), но тоа не беше доволно за да се сопре домашниот состав кој ја контролираше играта по лошиот старт во првата четвртина.

Минесота Тимбервулвс 110 – 108 Хјустон Рокетс (продолженија)

Минесота приреди нестварен пресврт во Минеаполис. Иако губеа со 10 поени разлика на само пет минути пред крајот, Тимбервулвс успеаја да изнудат продолжение, а потоа со серија од 15-0 целосно го скршија отпорот на Хјустон. Џејден Мекданиелс со 25 поени и Џулиус Рандл со 24 беа лидери на тимот, додека на спротивната страна не помогнаа ниту одличните партии на Кевен Дурант и Алперен Шенгун кои постигнаа по 30 поени.

Филаделфија 76-ерс 157 – 137 Чикаго Булс

Филаделфија го прослави враќањето на своите ѕвезди со вистинска офанзивна експлозија. Џоел Ембид се врати по пауза од 13 натпревари и веднаш уфрли 35 поени, додека Пол Џорџ додаде 28 во својот прв настап по долга суспензија. Сиксерси испишаа историја постигнувајќи неверојатни 51 поен само во третата четвртина, што е нивен најдобар учинок во еден период уште од 1960-тите години.

Мемфис Гризлис 98 – 123 Сан Антонио Спарси

Виктор Вембањама повторно доминираше во рекетот. Младиот Французин го предводеше Сан Антонио до убедлива победа со 19 поени, 15 скока и дури 7 блокади. Спарси ја контролираа играта од првата до последната минута против десеткуваниот состав на Мемфис, со што стигнаа до својата 12-та победа во последните 13 натпревари и сега се сериозна закана за врвот на Западот.

Портланд Трејлблејзерс 130 – 99 Милвоки Бакс

Дебакл на вечерта доживеа екипата на Милвоки. „Елените“ настапија без својата прва ѕвезда Јанис Антетокумпо (повреда на коленото) и изгледаа целосно загубено на теренот во Портланд. Домаќините водеа во текот на целиот натпревар, предводени од Скут Хендерсон кој постигна 23 поени од клупата. Ова е 12-ти пораз за Милвоки во последните 15 натпревари, што го вклучува алармот во нивниот табор.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено