Македонскиот селектор Гоце Седлоски не го криеше разочарувањето по тешкиот пораз од 4-0 на „Паркен“. Во натпревар кој требаше да биде надеж за Мундијал, Македонија доживеа целосно „затемнување“ на почетокот на вториот дел, оставајќи ги навивачите и стручниот штаб во неверување. За изјавата на селекторот допрва ќе коментираме, сега ви пренесуваме што кажа Седлоски после мечот и какви се неговите гледишта за потпот на Паркен.
Од солидно полувреме до тотален колапс
Седлоски по мечот истакна дека планот бил едно, но реализацијата на теренот, особено по паузата, била катастрофална. Иако првите 45 минути даваа надеж, примениот гол во првата минута од второто полувреме ја сруши целата концепција.
„Задоволен сум од првото полувреме, но на паузата им реков на играчите да излеземе малку од нашата половина и да почнеме да играме фудбал. Но, ни се случи раниот гол и системот едноставно се распадна. Ова е тежок пораз кој боли кај сите нас“, изјави Седлоски.
„Стравот од страните беше оправдан“
Селекторот призна дека најголемата слабост на Македонија вечерва биле страничните позиции, токму онаму каде што Данците најсилно притискаа преку своите офанзивни бекови.
„Најмногу стравував од нивната игра по крилните позиции и тој страв се покажа како оправдан. Не успеавме да ги сопреме нивните бекови кои постојано се придодаваа во нападот. Факт е дека нашите крилни играчи не одговорија на задачата и тука се реши натпреварот“, искрен беше предводникот на „рисовите“.
Проблемот е и во главите?
Најголемото прашање за Седлоски останува зошто тимот немаше никаква реакција по првиот примен гол, туку дозволи за само десет минути мрежата да се тресе уште двапати.
„Ќе разговарам со фудбалерите за тој пад на концентрација. Не смее да се дозволи такво нешто, без разлика на силината на противникот. Мора да видиме зошто немаше реакција по првиот гол. Проблемот сигурно е и во главата. Сега ни преостанува анализа, ‘главите се жешки’, но во иднина сигурно ќе има промени во тимот“, најави селекторот.
Македонија утре се враќа во Скопје, каде веднаш ќе започнат подготовките за дуелот против Ирска во вторник. Седлоски им се заблагодари на навивачите кои беа на „Паркен“ и вети дека тимот ќе работи за да ги израдува во иднина, што значи дека тој планира да остане на кормилото на македонската репрезентација и по ваквото катастрофално деби.



