Лионел Меси продолжува да испишува историја во Соединетите Американски Држави, не само на теренот, туку и надвор од него. Неговиот клуб, Интер Мајами, објави вест која претставува вистински раритет во светот на спортот, еден од најдобрите фудбалери на сите времиња доби трибина која го носи неговото име на новиот, ултра-модерен „Nu Stadium“.
Она што го прави овој потег уште попосебен е фактот што Меси сè уште активно настапува за клубот.
Трибина посветена на сегашноста, а не на носталгијата
Во официјалното соопштение, од Интер Мајами истакнаа дека овој потег е отстапување од традицијата каде што трибините обично се именуваат по пензионирани легенди од минатото.
„Традиционално, трибутите гледаат кон минатото. Тие се градат од носталгија и сеќавања. Но, ова е поразлично. Ова се раѓа од сегашноста. Од она што се случува токму сега. Оджувањето признание не е секогаш за затворање на едно поглавје. Понекогаш е за сфаќањето дека сте сведоци на нешто уникатно,“ стои во емотивното соопштение на клубот.
„Leo Messi Stand“ ќе ја опфаќа источната трибина (сектори 117-121 на долното и 217-223 на горното ниво), нудејќи им на навивачите најдобар поглед на теренот и специјални изненадувања за време на натпреварите.
Неверојатното влијание на Аргентинецот
Откако пристигна во јужна Флорида во летото 2023 година, Меси целосно го трансформираше Интер Мајами. Со 82 постигнати гола и 53 асистенции на 94 натпревари, тој е апсолутен рекордер во историјата на клубот.
Неговото влијание донесе и историски трофеи за франшизата, Лига Купот (2023), Supporters’ Shield (2024), како и круната во МЛС Купот (2025). Аргентинецот испиша историја и како прв играч кој две години по ред (2024 и 2025) ја освоил МВП наградата во МЛС лигата.
Новиот „Nu Stadium“ официјално ќе биде отворен на 4 април со натпреварот против Остин, каде навивачите за првпат ќе имаат можност да навиваат од трибината именувана по нивниот идол и капитен.



