Додека шпанската репрезентација ужива во хармонијата по европската титула, во Лондон ситуацијата е далеку од идеална. Левиот бек на Челси, Марк Кукуреља, во ексклузивно интервју за „The Athletic“ направи длабока анализа на кризата во која се наоѓаат „сините“, кои под водство на Лијам Росениор забележаа шест порази на последните 12 мечеви и беа елиминирани од ПСЖ во Лигата на шампионите.
Поразот од ПСЖ и „политиката“ на млади играчи
Елиминацијата од ПСЖ со вкупни 8-2 беше болен удар за сите во Челси. Кукуреља смета дека главната причина е недостатокот на искуство во клучните моменти.
„Ни недостигаше искуство. За многу играчи тоа беше првпат да играат меч од таков калибар и ја плативме цената. Разбирам дека политиката на клубот е насочена кон потпишување млади играчи за иднината, но за нас кои сме тука и сакаме да освојуваме големи трофеи сега, ваквите моменти се обесхрабрувачки. Потребен е баланс меѓу младоста и искуството“, вели 27-годишниот Шпанец.

Жал за Енцо Мареска
Еден од најконтроверзните потези на раководството на Челси оваа сезона беше смената на Енцо Мареска во јануари, само шест месеци откако го освои Светското клупско првенство. Кукуреља не крие дека тоа била грешка.
„Со Енцо Мареска бевме постабилни бидејќи работевме заедно 18 месеци. На крајот веќе игравме напамет. Кога еден менаџер ќе ви даде самодоверба и платформа за титули, подготвени сте да ‘умрете’ за него. Ако се прашував јас, не би ја донел таа одлука за негова смена среде сезона. Таа нестабилност во клубот доаѓа токму од таквите промени“, дециден е Кукуреља.

Шпанија е фаворит за Светското првенство
Наспроти клупските маки, Кукуреља е прв избор на Луис де ла Фуенте во пресрет на Мундијалот во САД, Мексико и Канада. Тој верува дека „фуријата“ има капацитет да ја обедини европската со светската титула.
„Да, мислам дека сме фаворити. Го заслуживме правото луѓето да веруваат во нас. Имаме нереален талент во тимот. Кого не сакам да го чувам на теренот? Би ги издвоил Кол Палмер, Мајкл Олисе и Усман Дембеле. Тие се најтешките противници со кои сум се соочил“, открива бекот.
Шпанецот се осврна и на Англија, сметајќи дека под водство на Томас Тухел (неговиот прв тренер во Челси), „Гордиот Албион“ ќе биде многу поопасен и тактички постабилен на претстојниот Мундијал.



