Се чини дека раководството на ФК Вардар подготвува вистинска „бомба“ за следната сезона! Иако информациите сè уште не се официјално потврдени (и ги сместуваме во рубриката Чаршиски муабети), извори блиски до клубот тврдат дека актуелниот лидер во ПМФЛ ќе има нов тренер, и тоа директно од Јужна Америка.
Гоце Седлоски, кој во моментов “успешно” жонглира со двете функции (тренер на Вардар и селектор на Македонија), следната сезона ќе се фокусира исклучиво на репрезентативните обврски.
Негов наследник на клупата на „црвено-црните“, според најавите, ќе биде Аргентинецот Кристијан Фабиани, кој веќе е на пат кон Скопје за да потпише двегодишен договор.
Кој е Кристијан Фабиани? (Или поточно: Што направил досега?)
Фабиани (42 години) е поранешен напаѓач кој имал релативно успешна играчка кариера. Го носел дресот на аргентинскиот великан Ривер Плејт, а најмногу настапи има за Ланус. Како играч, освојувал шампионски титули во Аргентина, Израел (со Беитар Ерусалим) и Романија (со ЦФР Клуж).
Но, неговото тренерско ‘CV’ е сосема друга приказна. Од 2021 година, кога ја започна менаџерската кариера, тој ги водеше аргентинските нисколигаши Феникс, Депортиво Риестра и Депортиво Мерло, пред да добие шанса во Њуелс Олд Бојс.
Во Њуелс се задржа помалку од една година (од февруари до октомври 2025 година), бележејќи скромен просек од 1.33 поени по натпревар на 27 натпревари. Неговиот просечен престој како тренер во еден клуб изнесува скромни 0.82 години (помалку од 10 месеци), а во досегашната кариера нема освоено ниту еден трофеј ниту пак забележано позначаен успех.
Дали овој темпераментен Аргентинец (кој преферира формација 4-4-2) го има потребниот капацитет да го води најтрофејниот македонски клуб и да го задржи на врвот? И дали воопшто македонскиот фудбалски менталитет може да се вклопи со јужноамерикански стратег кој нема никакво европско искуство како тренер?
Останува да видиме дали овие Чаршиски муабети ќе добијат официјална потврда деновиве. Дотогаш, можеме само да претпоставуваме што точно видело раководството на Вардар во резимето на Фабиани.



