Шведска е новиот патник на Светското првенство 2026 од европската зона по еден од највозбудливите бараж-дуели во поновата историја. Во реприза на финалето од пред четири години, овојпат Швеѓаните му се одмаздија на големиот ривал Полска, славејќи со драматични 3:2 во преполната арена во Стокхолм.
Човек на одлука беше незапирливиот Виктор Ѓокереш, кој во 88. минута ја „запали“ цела Шведска и донесе виза за претстојниот фудбалски собир во Северна Америка.
Трилер со многу пресврти
Натпреварот започна идеално за четата на Греам Потер. Крилото на Њукасл, Ентони Еланга, го отвори резултатот со фантастичен финиш по генијалното додавање со пета на Ајари. Сепак, Полска не се предаде и преку Никола Залевски брзо израмни на 1:1 по грешката на шведскиот голман Нордфелд.
Пред самиот крај на првиот дел, дефанзивецот Густаф Лагербилке со моќен удар со глава по слободен удар повторно ја донесе Шведска во водство (2:1). Но, Полјаците уште еднаш покажаа заби, а Свидерски во второто полувреме израмни на 2:2 и внесе огромна нервоза кај домашните фанови.
Ѓокереш на вистинското место за мундијалска слава
Кога сите очекуваа продолженија, а Полска изгледаше како тим кој е поблиску до победата, се случи моментот на натпреварот. Бесфорт Зенели упати силен удар кој заврши во стативата, а на одбиената топка најбрз беше Виктор Ѓокереш, кој ја смести во празната мрежа за конечни 3:2 и почеток на големото славје.
Ова е голем триумф за Греам Потер, кој успеа да го врати националниот тим на најголемата сцена и да ја прекине доминацијата на Полска во меѓусебните пресметки.



