Седлоски по Даблин: „Само седум дена сум со тимот, головите ќе дојдат!“

 

Објавено:

Македонската фудбалска репрезентација ја затвори мартовската акција со реми без голови против Ирска, а селекторот Гоце Седлоски по натпреварот повика на трпение. Иако „рисовите“ на двата натпревари под негово водство не успеаја да ја затресат противничката мрежа, а што е за право не се ни обидоа (гол-разлика 0-4), предводникот на националниот тим е убеден дека офанзивата допрва ќе профункционира.

„Математиката“ на селекторот: Седум дена или три месеци?

Интересен момент од прес-конференцијата во Даблин беше потенцирањето на Седлоски дека му треба време.

„Седум дена сум само со репрезентацијата. Секако дека тоа е малку време за да се спроведат сите идеи. Најавив офанзивен фудбал, но мора да се земе предвид и силата на противниците како Данска и Ирска. Головите ќе дојдат, убеден сум во тоа“, изјави Седлоски.

Сепак, ако се погледне календарот, Седлоски беше официјално именуван за шеф на стручниот штаб уште на 22 декември 2025 година. Иако ова беше негов прв собир со играчите на терен, тој имаше повеќе од три месеци за анализа, скаутинг и подготовка на тактиката. Изјавата за „само седум дена“ веројатно се однесува на директната работа на тренинг со фудбалерите, но јавноста очекуваше малку појасна визија по толку долг подготвителен период во кој се најавуваше борбена и напаѓачка Македонија.

Задоволство од дебитантите и најава за освежување

И покрај пасивноста во нападот и само еден упатен шут во рамките на голот на Ирска, Седлоски изрази задоволство од одредени поединци, особено од младиот Фетаи.

„Дадов шанса на речиси сите фудбалери. Посебно сум задоволен од Фетаи, кој ја оправда довербата. Мораме да ја освежуваме репрезентацијата, тоа ќе биде процес кој ќе продолжи и во јуни“, додаде селекторот.

Македонија сега има пауза до јунскиот термин за пријателски средби, кога Седлоски ќе има нова прилика да докаже дека неговиот офанзивен концепт не е само ветување на хартија, туку реалност која носи погодоци.

Напомена: Изјавата на селекторот Седлоски дека е една недела со репрезентацијата не е првоаприлска шега.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено