Столе Стоилов е нов тренер на Бутел: „Сакам силна репрезентација, а не купување странци!“

 

Објавено:

Она што вчера беше само најава, денес доби официјална потврда со силни пораки. Легендарниот капитен на Вардар и македонската репрезентација, Стојанче Стоилов, потпиша двегодишен договор со РК Бутел Скопје, преземајќи ја функцијата шеф на стручниот штаб од претстојното лето.

По учењето на занаетот како асистент во Вардар и работата во националниот тим, популарниот Столе влегува во својот прв самостоен проект со јасна визија: македонски ракомет за македонски играчи.

Стоилов: Силна репрезентација се прави со шанса за младите

Во својата прва изјава како стратег на Бутел, Стоилов директно удри по трендот на прекумерно ангажирање странски ракометари во домашното првенство.

„Ситуацијата е чиста – имаме четири финансиски помоќни клубови, но за да имаме силна репрезентација, другите екипи мора да се посветат на македонските млади играчи, а не да купуваат странци. Бутел веќе има костур, а мојата идеја е да го надополнам ростерот со млади момци од други средини за кои верувам дека можат да станат големи играчи“, истакна Стоилов.

Тој потврди дека амбициите на клубот остануваат високи – пласман во плеј-офот, но со една клучна специфичност: тоа да се оствари исклучиво со домашни ракометари.

Извор: fb.com/RK Butel Skopje

Раководството му даде „целосна власт“ на легендата

Претседателот на клубот, Бојан Спасовски, не го криеше задоволството што успеал да донесе име со таков авторитет на клупата. Договорот е потпишан на две сезони, што покажува дека се планира долгорочен процес.

„Со Стоилов се договоривме веднаш. Тој е легенда чие искуство ќе ни донесе огромен квалитет. Му даваме целосно ‘одврзани раце’ околу формирањето на ростерот, а наше е да му обезбедиме максимални услови за работа“, изјави Спасовски.

Од европски врв до тренерски предизвик

За Стоилов ова е природна еволуција по импресивната играчка кариера во која освои две титули во Лигата на шампионите и вкупно 31 трофеј со Вардар и Металург. Сега, неговата задача ќе биде да го пренесе тој победнички менталитет на екипата на Бутел, која под водство на Горан Кузманоски веќе се етаблираше како стабилен суперлигаш.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено