Гравина поднесе оставка, Италија пред целосен ремонт!

 

Објавено:

Она што цела Италија го бараше веднаш по шокот во Зеница, денеска стана официјално. Габриеле Гравина веќе не е претседател на Фудбалската федерација на Италија (FIGC). По итниот состанок во Рим, 72-годишниот функционер поднесе неотповиклива оставка, преземајќи ја одговорноста за „третата апокалипса“ како што го нарекоа италијанските медиуми, односно третото последователно пропуштено Светско првенство за четирикратниот светски првак.

Гравина, кој ја водеше федерацијата од 2018 година, заминува со мешано наследство: титулата од Еуро 2020, но и два огромни неуспеси во квалификациите за Мундијалите во 2022 и 2026 година.

Нови избори во јуни, Гатузо (засега) останува

Федерацијата потврди дека изборите за нов претседател ќе се одржат на 22 јуни. Дотогаш, италијанскиот фудбал ќе биде во „лер“, иако Гравина пред заминувањето откри дека побарал од селекторот Џенаро Гатузо да остане на функцијата и покрај неостварената цел. Како најсериозен кандидат за наследник на Гравина се споменува Џовани Малаго, долгогодишниот прв човек на Италијанскиот олимписки комитет.

Извор: https://x.com/Footballtweet

Чеферин со брутално предупредување: Италија може да го загуби Еуро 2032!

Денот за италијанските фанови стана уште полош по изјавата на претседателот на УЕФА, Александер Чеферин. Тој упати директна закана дека Италија може да остане без ко-домаќинството на Европското првенство во 2032 година (заедно со Турција) доколку под итно не ја подобри својата застарена инфраструктура.

„Еуро 2032 ќе се одржи, но се надевам дека инфраструктурата ќе биде подготвена. Во спротивно, турнирот нема да се игра во Италија. Вашите политичари треба да се запрашаат зошто Италија ги има едни од најлошите стадиони во Европа“, изјави Чеферин за „Gazzetta dello Sport“.

Италија има рок до октомври да достави пет стадиони кои ги исполнуваат високите стандарди на УЕФА, задача која во моментов изгледа речиси невозможна со оглед на бирократските пречки со кои се соочуваат клубовите при реновирањето на своите домови.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено