Она што со месеци се најавуваше, конечно стана реалност. Компанијата „Панини“ официјално го пушти во продажба најголемиот албум за Светско првенство во својата историја, оној посветен на претстојниот Мундијал 2026 во Северна Америка!
Откако уште во декември најавивме дека не очекува „Годзила“ од албум со рекордни 980 сликички, колекционерите со нетрпение го чекаа официјалното излегување. „Панини“ преку своите социјални мрежи го означи почетокот на лудилото со промотивно видео: „Чекањето заврши. Пристигна најголемиот албум во историјата.“
Реакциите: Шок, револт и барање за албум со тврди корици
И покрај почетната еуфорија, промоцијата не помина мазно. На социјалните мрежи веднаш се појавија лавина од негативни коментари. Најголемото незадоволство (барем на Островот) е насочено кон фактот што на овој пазар не е понудена „hardcover“ верзија (албум со тврди корици), нешто што веќе стана стандард во многу други европски земји за вака обемни изданија.
Но, она што најмногу ги боли колекционерите е цената. Со зголемувањето на бројот на учесници на 48 репрезентации и вкупниот број од речиси 1.000 сликички потребни за пополнување, математиката стана брутална.
„Извинете, но немам 3 милиони фунти за да го пополнам ова“, саркастично коментира еден фан на X платформата, додека друг предупредува: „Ќе ве чини и до 900 фунти за да го комплетирате. Фрлање пари. Прескапо и премногу сликички.“
Се разбира, не изостанаа и шегите на сметка на италијанската репрезентација која не се квалификуваше на турнирот, со коментари од типот: „Роберто Баџо бара италијански сликички во новиот албум…“
Дали „Панини“ претера со обемот и цените, или страста за собирање повторно ќе победи? Времето (и нашите паричници) ќе покаже. Во меѓувреме, ловот на дупликати може официјално да започне!



