Ноќта во Оклахома Сити донесе вистински кошмар за Лос Анџелес Лејкерс. Не само што претрпеа тежок дебакл од Тандер со 139-97, туку останаа и без својата прва ѕвезда, Лука Дончиќ, кој поради повреда на задната ложа предвреме го заврши натпреварот.
Ситуацијата изгледа сериозна, а тренерот Џеј-Џеј Редик потврди дека словенечкиот „маестро“ денеска ќе оди на магнетна резонанца за да се утврди степенот на оштетувањето.
Моментот на повредата: Сцени кои никој не сака да ги види
Дончиќ почувствувал болка уште во првото полувреме, но по медицинските прегледи на паузата, добил зелено светло да продолжи. Сепак, на средината на третата четвртина, при еден обид за влез против Џејлен Вилијамс, Лука само застана, го испушти баскетот и со болна гримаса легна на паркетот без никаков контакт со противникот.
Тоа беа сцени кои ги замолкнаа фановите, а дури и противничките играчи покажаа огромна спортска почит. Џејлен Вилијамс, кој и самиот пропушти 27 меча сезонава поради слична повреда, намерно ја пушти топката да излезе во аут за да му овозможи на медицинскиот тим да интервенира.
Luka Doncic went back to the locker room after going down on this play.
— ClutchPoints (@ClutchPoints) April 3, 2026
The Lakers were down 32 points at the time.
Hope he’s okay 🙏 pic.twitter.com/7jqzU8cuOz
Трка со времето: Под знак прашалник и индивидуалните признанија
Покрај грижата за плеј-офот, оваа повреда доаѓа во најлош можен момент за Дончиќ на индивидуален план. Лука досега одигра 64 натпревари оваа сезона. Според новите строги правила на НБА лигата, доколку тој ги пропушти преостанатите пет средби од регуларниот дел, нема да го исполни минимумот од 65 меча и автоматски ќе биде дисквалификуван од трката за МВП наградата и изборот во идеалните петорки.
Пред овој натпревар, Словенецот беше во неверојатна форма со просек од преку 40 поени на пет од последните седум средби, но синоќа одбраната на Оклахома го лимитираше на само 12 поени пред да го напушти теренот.
Болки во грбот и за Остин Ривс
Како проблемите со Дончиќ да не беа доволни, Лејкерси стравуваат и за состојбата на Остин Ривс. Тој заработи повреда на грбот при еден обид за украдена топка, но за разлика од Лука, успеа да го доврши мечот. Сепак, Редик нагласи дека неговата состојба ќе се следи внимателно во следните 24 часа.
Лејкерси сега се молат за добри вести од болницата, бидејќи без Лука Дончиќ, нивните шанси за сериозен резултат во доигрувањето драстично паѓаат.



