Градот Охрид утре ќе биде епицентарот на македонскиот ракомет. ГРК Охрид официјално потврди дека салата „Билјанини Извори“ е целосно распродадена за утрешниот реванш натпревар од четвртфиналето на ЕХФ Европскиот куп против грчкиот гигант Олимпијакос.
„Гладијаторите“ влегуваат во овој историски дуел со капитална предност од пет гола (31-26) стекната на жешкиот терен во Атина, но стручниот штаб и играчите смируваат – работата е завршена само на половина.
Ројевиќ предупредува: Пет гола во модерен ракомет не се ништо!
И покрај еуфоријата која го зафати градот, тренерот на охриѓани, Борис Ројевиќ, повикува на максимална претпазливост. Тој посочи дека неговиот тим се соочува со сериозни проблеми со повреди, а четворица ракометари ќе мора да стиснат заби и да играат под инјекции.
„Ништо не е готово. Гледам дека јавноста е веќе во полуфинале, но во модерниот ракомет пет гола предност не значат ништо. Олимпијакос е искусна екипа која знае како да се врати. Не играме само за Охрид, туку за цела Македонија и мораме да бидеме на највисоко ниво за да ја оствариме целта“, изјави стратегот на Охриѓани.
Ојлески: Ова нека биде ракометен празник
Еден од столбовите на тимот, искусниот Гоце Ојлески, ја повика публиката да биде седмиот играч на ГРК Охрид и заедно да испишат нова страница во клупската историја.
„Нè очекува тежок натпревар. Олимпијакос сигурно нема да се предаде и ќе се обиде да не изненади. Мора да останеме сплотени и фокусирани. Се надевам на ракометен спектакл и историски успех за нашиот клуб“, порача Ојлески.
Натпреварот е закажан за утре (сабота, 4 април) со почеток во 18:00 часот. Со оглед на тоа што билети веќе нема, јасно е дека Олимпијакос го чека „пеколна“ атмосфера во преполната сала во Охрид.



