Денеска со почеток од 18:00 часот, македонскиот ракомет ќе биде фокусиран кон Охрид. Во целосно распродадената сала „Билјанини Извори“, ГРК Охрид го пречекува грчки Олимпијакос во реванш натпреварот од четвртфиналето на ЕХФ Европскиот куп.
„Гладијаторите“ имаат историска шанса за пласман меѓу четирите најдобри екипи во ова европско натпреварување, откако на првиот натпревар во Атина остварија капитална предност од пет гола (31:26).
Сепак, во таборот на охриѓани нема простор за предвремено славење. Тренерот Борис Ројевиќ предупреди дека пет гола предност во модерниот ракомет не се гаранција за ништо, особено што тимот се соочува со проблеми поради четворица повредени ракометари кои ќе мора да стиснат заби.
Како што претходно најавивме, интересот за овој натпревар е огромен. Салата е целосно распродадена, а по договор меѓу клубовите и ЕХФ, нема да има присуство на гостински навивачи. Ова значи дека Олимпијакос ќе биде пречекан во вистински пекол креиран исклучиво од домашната публика.
Остануваат уште неколку часа до почетокот на ракометниот спектакл. Време е за историја!



