Ова коло во германската Бундеслига дефинитивно ќе се памети долго! Навивачите имаа можност да уживаат во вистински фудбалски трилери, каде натпреварите се решаваа во последните секунди, а пресвртите беа главна тема на денот.
Чудото на Леверкузен: Од 1:3 до 6:3!
Натпреварот на колото се одигра на „БајАрена“, каде Баер Леверкузен приреди епски пресврт против Волфсбург во меч со дури девет голови.
Гостите шокантно поведоа и имаа предност од 1:3 (голови на Винд, Меле и Ериксен), но Леверкузен, предводен од брилијантниот Алехандро Грималдо (два гола), успеа да се врати во игра. Второто полувреме донесе целосна доминација на „Фармацевтите“. Шик израмни од пенал, Тапсоба донесе водство, а Маза и Тилман во финишот ги поставија конечните 6:3. Со оваа победа, Леверкузен ги задржа надежите за пласман во Лигата на шампионите.
Баерн во 99. минута го скрши Фрајбург
Без повредениот Хари Кејн, лидерот Баерн Минхен се најде во огромни проблеми на гостувањето кај Фрајбург. Домашните имаа сигурно водство од 2:0 со головите на Манзамби и Холер сè до 81. минута.
Тогаш на сцена стапи младиот Том Бишоф. Со два прекрасни гола во 81. и 92. минута го израмни резултатот, за драмата да кулминира во неверојатната 99. минута кога Ленарт Карл по асистенција на Дејвис донесе ерупција кај Баварците за победа од 2:3.
Дортмунд со двоен удар во 90+ ги шокираше „Швабите“
Натпреварот меѓу Штутгарт и Борусија Дортмунд помина во апсолутна доминација на домашните (речиси 70% посед на топка), но голманот Грегор Кобел бранеше сè што можеше да се одбрани.
Казната за пропуштените шанси на Штутгарт стигна длабоко во судиското надополнување. Резервистот Карим Адејеми во 94. минута го отвори резултатот по еден контранапад, а само две минути подоцна (96′), Џулијан Брант со фантастичен волеј ги постави конечните 0:2 за „Милионерите“.
Во останатите натпревари:
- РБ Лајпциг освои важни бодови во борбата за ЛШ победувајќи го Вердер во Бремен со 1:2.
- Мајнц со двата гола на Тиц (и инспирација од цртежот на неговата ќерка) го совлада Хофенхајм на гости со 1:2.
- Борусија Менхенгладбах и Хајденхајм ремизираа 2:2 во битката за опстанок.
- Хамбургер со играч помалку извлече реми (1:1) на домашен терен против Аугсбург.



