Поранешниот играч на Рома, Едоардо Бове, отворено зборуваше за својот срцев удар што го доживеа на натпревар од Серија А минатата година, нагласувајќи дека не жали за ништо бидејќи инцидентот го направил посилен и му дал нова перспектива за животот.
Бове колабираше на теренот за време на натпреварот помеѓу Фиорентина и Интер во декември 2024 година. По брзата медицинска интервенција и реанимацијата, тој беше префрлен во болница каде помина 12 дена. Поради строгите правила во Италија, Бове мораше да ја напушти татковината бидејќи му беше вграден имплантабилен кардиовертер-дефибрилатор (ИЦД). Сега тој ја оживува својата кариера во англискиот клуб Ватфорд, каде пристигна во јануари.
Во ексклузивно интервју за Daily Mail, Бове се потсети на драматичниот момент:
„Последното нешто на кое се сеќавам е кога паднав. Се разбудив во болница без да знам што се случило. Мислев дека сум имал сообраќајна несреќа.“
Пред овој инцидент, Бове се чувствувал како „суперхерој“, но откако лекарите првично му рекле дека нема да може повторно да игра фудбал, следеле многу тешки денови. Сепак, тој не дозволил очајот да го совлада.
„Тоа беше тешко, но стана дел од моето патување. Среќен сум како сè се одвиваше и оваа година научив повеќе отколку од било што друго што сум го искусил претходно,“ изјави Бове.

Тој сега живее со ИЦД уред вграден во горниот дел од градниот кош, кој постојано го следи неговиот срцев ритам и е подготвен да испорача електрични импулси доколку детектира абнормалност. Покажувајќи ја лузната со насмевка, тој го нарекува уредот „нов пријател во моето тело“.
Едоардо истакна и дека поддршката од неговиот поранешен тренер во Рома, Жозе Мурињо, била клучна во најтешките моменти. Мурињо, кој претходно го нарече Бове „болно куче“ поради неговиот агресивен стил на игра, веднаш стапил во контакт со семејството на играчот.
„Тој се грижи за секој играч што го тренирал. Некои повеќе од другите! Прво ми пиша мене, но бидејќи не можев да одговорам на никого, го најде бројот на моите родители. Имам неверојатен однос со него,“ додаде Бове.

Во Англија, Бове ја има поддршката од својот пријател и сонародник, играчот на Арсенал, Рикардо Калафиори, кој му помогнал полесно да се прилагоди на животот во Лондон. Инспирација црпи и од Кристијан Ериксен, кој исто така се врати на фудбалот по сличен инцидент во 2021 година.
По 440 дена пауза, Бове се врати на терените на Денот на вљубените против Престон, а минатиот месец го постигна својот прв гол за Ватфорд во победата над Рексам, што го опиша како „затворање на еден голем круг“. Иако сè уште ја бара својата вистинска форма, неговиот дух останува нескршлив.
„Имам поинаква перспектива. Ако не сте со отворен ум, губите нешто од животот. Среќен сум,“ заклучи Бове, гледајќи кон иднината со оптимизам.



