Македонската Ф1 надеж ги пали моторите: Стефан Тренески ја започнува својата „Формула“ одисеја!

 

Објавено:

Дојде и тој ден (односно викенд)! Денот кога сонот станува реалност, а македонското знаме за првпат ќе се вее во текот на цела сезона во елитните формула серии. Нашата најголема моторспорт надеж, Стефан Тренески, викендов официјално ја започнува својата дебитантска сезона во F4 CEZ шампионатот, а првата станица е легендарната патека во Австрија – Ред Бул Ринг.

Откако ја доминираше Ф4 Академијата и го покажа својот раскошен талент кој го калеше на симулаторите, Стефан сега излегува на „вистинскиот“ мегдан. Пред него е огромен предизвик, но и шанса да покаже дека Македонија има возач за самиот светски врв.

Препознаен како фаворит во конкуренција од 40 возачи

Дека не станува збор само за субјективен навивачки оптимизам, потврдуваат и експертите од самиот шампионат. Во конкуренција од повеќе од 40 врвни млади возачи од целиот свет, Стефан Тренески веќе е посочен како еден од главните фаворити за висок пласман.

Тимот JMT Racing Engineering е воодушевен од неговиот „рецепт на Верстапен“ – спој на виртуелна прецизност и сурова брзина на асфалтот. Неговиот технички пристап и подготвеноста да учи го прават опасен конкурент за секој на патеката.

Што треба да знаете за F4 CEZ шампионатот?

Оваа сезона ќе биде вистински тест за издржливост и вештина, а првенството носи неколку специфики кои го прават исклучително возбудливо. Шампионатот се вози на шест легендарни патеки како Ред Бул Ринг, Салзбургринг, Словакија Ринг, Мост, Брно и Хунгароринг, од кои повеќето се редовни домаќини и на Формула 1 трките.

Овој шампионат важи за вистински „расадник“ на таленти каде покрај Стефан, ќе се натпреваруваат идните Ф1 ѕвезди, вклучувајќи ја и Ела Хакинен, ќерката на легендарниот Мика Хакинен. За да се осигура дека пресуден ќе биде само талентот, сите возачи управуваат со идентични Tatuus F4 T421 болиди хомологирани од ФИА.

Поради рекордниот број на пријавени возачи, воведен е нов формат каде квалификациите се поделени во две групи, а секој викенд се возат по три до четири трки, што гарантира многу акција. Борбата за поени е немилосрдна, па само најдобрите 32 возачи од квалификациите добиваат шанса да се борат во финалните трки за влез во бодовите.

Станица 1: Ред Бул Ринг (Шпилберг, Австрија)

Патеката каде Стефан го започнува својот пат е една од најбрзите во Европа. Изградена во 1969 година, таа е позната по своите стрмни искачувања и брзи кривини среде австриските Алпи.

  • Должина: 4.326 км
  • Кривини: 10
  • Карактеристики: Бара екстремна прецизност при сопирањето и голема самодоверба при големи брзини.

Распоред на тркачкиот викенд (11-12 април):

  • Сабота (11 април):
    • 08:15 – Слободен тренинг
    • 10:40 – Квалификации (Група 1)
    • 11:05 – Квалификации (Група 2)
    • 14:40 – ТРКА 1
  • Недела (12 април):
    • 08:45 – ТРКА 2
    • 13:20 – ТРКА 3
    • 16:15 – ТРКА 4

Ние како заедница која секогаш стои зад македонските спортисти, со голем ентузијазам ќе го следиме секој круг на Стефан. Веруваме во неговиот талент и знаеме дека ова е почетокот на нешто големо.

Напред Стефане, Македонија е со тебе! Со полна гас кон врвот! 🇲🇰🏎️🏁


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено