Јасухира диригираше во дебито: ГРК Охрид немилосрден против Тиквеш!

 

Објавено:

Екипата на ГРК Охрид 2013 продолжува со фантастичните настапи во плеј-офот од ракометната Суперлига. По сензационалниот триумф над шампионот Еурофарм Пелистер среде Битола пред само два дена, „Гладијаторите“ денеска пред својата публика во салата „Билјани Извори“ го демолираа составот на ГРК Тиквеш Кавадарци со преубедливи 37:20.

Натпреварот го одбележа извонредното деби на најновото засилување за охриѓани, јапонскиот интернационалец Косуке Јасухира. Поранешниот ас на Вардар, кој пристигна во клубот пред само два дена, веднаш покажа зошто е доведен. „Летечкиот Јапонец“ го заврши мечот со 6 постигнати голови (од 7 обиди) и дури 8 фантастични асистенции, со што беше главен мотор на својата екипа, особено во првото полувреме.

Иако гостите од Кавадарци, кои на овој меч беа без својот прв тренер Кристијан Грчевски (зафатен со обврски кон женската репрезентација) подобро го отворија натпреварот и поведоа со 0:2, тоа беше сè што успеаја да направат. Охрид брзо возврати, направи пресврт и ја презеде целосната контрола. На полувремето домаќините имаа сигурна предност од 19:14.

Вистинската доминација на избраниците на Борис Ројевиќ се случи во второто полувреме. Со гранитна одбрана предводена од голманите Даниел Ѓорѓески и Кристијан Пилиповиќ, охриѓани ги лимитираа гостите на само 6 постигнати голови во вториот дел! Во нападот, покрај Јасухира, најефикасни беа Ален Ќосевски и Давид Савревски кои исто така постигнаа по 6 голови, додека Никола Лиапис додаде 5.

Кај поразениот тим на Тиквеш, Богдан Мијушковиќ и Томче Стојановски постигнаа по 5 погодоци.

Со оваа победа, ГРК Охрид привремено се осамостои на втората позиција на табелата со 45 бода, зад неприкосновениот лидер Вардар (52 бода). Еурофарм Пелистер останува на 42 бода, но битолчани имаат натпревар помалку, и тоа исклучително тешко гостување кај Алкалоид во Автокоманда. До крајот на првенството преостануваат уште пет возбудливи кола во кои ќе се води жестока битка за позициите кои водат директно во Европската лига.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено