Овој викенд, македонскиот автомобилизам испишува нова историја со дебитантскиот настап на младиот Стефан Тренески во престижниот Формула 4 Централноевропска зона (F4 CEZ) шампионат, чија прва тркачка рунда се одржува на култната патека Ред Бул Ринг во Австрија.
По тешкиот почеток во саботата, каде поради проблеми со брзината на правците нашата надеж ја заврши првата трка на 20-тото место (стартувајќи од 18-тата позиција), денешниот ден донесе сосема поинаква, многу попозитивна слика за возачот на тимот JMT Racing.
Во утринската втора трка од викендот, Тренески стартуваше од 17-тата позиција, но со одлично возење и сигурно темпо успеа да направи огромен прогрес и да ја мине целната линија на 11-тото место. За жал, неговиот пробив кон топ 10 беше скратен поради излегувањето на безбедносното возило на осум круга пред крајот (по инцидентот меѓу Дирвед и Фиорентино), што ја неутрализираше трката до самиот крај и не му дозволи на Тренески дополнително да нападне.
„Огромно подобрување од вчера, болидот се чувствува добро и имаме темпо за топ 5. Се надевам на добар пласман во третата трка,“ сподели оптимистично Тренески на својот Инстаграм профил, каде исто така се пофали со освоеното второ место во категоријата на дебитанти (Rookie).
Што се однесува до битката за врвот, викендот засега минува во целосна доминација на тимот Jenzer Motorsport. Првата трка во саботата ја доби Тео Боренштајн пред тимскиот колега Макс Кархан, додека во денешната втора трка триумфираше Елиа Вајс, оставајќи го Кархан повторно на втората позиција.
Фокусот сега е свртен кон Големото финале на викендот. Поради рекордниот број од над 40 пријавени болиди, правилата на F4 CEZ наложуваат дека само најдобрите 32-ца возачи од претходните квалификациски трки обезбедуваат пласман во завршната четврта трка која започнува во 16:15 часот. Со одличниот настап утринава, се очекува нашиот Стефан да биде дел од овој спектакл кој можете да го следите во живо:



