Индира Кастратовиќ ќе ја предводи Македонија на Светското училишно првенство!

 

Објавено:

Скопје се подготвува за голем ракометен спектакл, а македонската делегација доби лидер каков што доликува на една ракометна нација. Легендарната репрезентативка и икона на Кометал Ѓорче Петров, Индира Кастратовиќ, е именувана за шеф на делегацијата на Македонија за претстојното Светско училишно првенство во ракомет.

Настанот, кој ќе се одржи во нашата престолнина од 21 до 29 април, за првпат ја носи Македонија во улога на домаќин на ваков голем мундијал за млади, во организација на Федерацијата на училишен спорт и под покровителство на Министерството за спорт.

„Љубовта започнува во училишните клупи“

Индира, која денес е координатор на женските национални селекции, со емоции се присети на нејзините почетоци кои се случиле токму на училишните терени.

„Во седмо одделение почнав да тренирам ракомет во моето основно училиште. Ракометот од тие денови прво стана моја љубов, а подоцна и моја професија. Ми претставува голема чест, но и пријатна обврска да ги предводам овие 700 млади ракометарки и ракометари на овој голем настан“, вели Кастратовиќ.

Поттик за нови шампиони

Според Кастратовиќ, овој Мундијал е многу повеќе од обично натпреварување. Тоа е можност за стекнување меѓународно искуство и создавање пријателства кои траат цел живот.

„Учеството на овој настан треба да биде голем поттик за нивните кариери. Се надевам дека овој шампионат ќе ги инспирира новите генерации да го засакаат ракометот. Мојата порака до сите деца е да изберат било кој спорт, таму ќе научат на организација и ќе стекнат вистински другари“, порачува ракометната легенда.

Скопје ќе „пулсира“ во ритамот на ракометот

На првенството ќе настапат нашите машки и женски репрезентации до 18 години. Натпреварите ќе се играат во шест сали низ Скопје („Македонско сонце”, „Архиепископ Доситеј”, „Кочо Рацин”, „Крсте Мисирков” и „Антон Димитров”), додека големата завршница и финалните мечеви се закажани за 28 април во салата „Расадник“.

Спектакуларното отварање ќе се случи на 21 април во 19:30 часот на плоштадот „Македонија“. Да им дадеме поддршка на нашите млади ракометари и да уживаме во новата генерација шампиони!


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено