Она од што најмногу се плашеа навивачите на Лос Анџелес Лејкерс, синоќа доби официјална потврда од тренерот Џеј-Џеј Редик. Иако до вчера беше најавувано дека Дончиќ ќе успее да се врати за првиот натпревар, сепак првиот тренинг пред плејоф серијата против Хјустон Рокетс помина без стартната бековска линија, а прогнозите се мрачни: Лука Дончиќ и Остин Ривс се надвор од стројот на неодредено време.
„Тие се аут на неодредено време. Нема да имам нови информации за вас оваа недела“, кратко и јасно порача Редик, со што ги урна надежите дека Лука би можел да се појави на паркетот за првиот натпревар.
Дончиќ останува во Мадрид, Ривс во апостолки
Иако претходно се најавуваше дека Дончиќ ќе се врати во Лос Анџелес порано, тој ќе остане во Мадрид до петок. Таму, во базата на својот поранешен клуб Реал Мадрид, тој е подложен на агресивни третмани за заздравување на повредата на задната ложа од втор степен. Реалноста е сурова – ваквите повреди вообичаено бараат пауза од четири до шест недели, а Лука се повреди на 2 април.
Слична е ситуацијата и со Остин Ривс. Тој се појави на тренингот, но само како набљудувач во апостолки, бидејќи неговата повреда на стомачниот мускул (исто така од втор степен) бара идентичен период за закрепнување.
Мисијата на Редик: „Преживејте за да ги дочекате!“
Џеј-Џеј Редик беше брутално искрен пред новинарите – работата на тимот во моментов е да ја „продолжи сезоната“ доволно долго за Дончиќ и Ривс да имаат шанса да се вратат. Без својата бековска линија, Лејкерс ќе мора да се потпрат на 41-годишниот Леброн Џејмс, кој иако е во форма, ќе има огромен товар на своите плеќи.
Фокусот на подготовките за Хјустон е сведен на две едноставни, но клучни работи:
- Чување на топката (да се избегнат изгубени топки).
- Градење под кошот (дефанзивен скок).
„Денешниот тренинг го започнавме со вежби за градење под кошот. Тоа е единствената работа што им ја кажав за Хјустон денес. Мораме да бидеме цврсти. Ако сакаме овие двајца повторно да заиграат сезонава, мораме да најдеме начин да победиме без нив“, изјави Редик.
Леброн како „осамен јавач“
Со отсуството на Лука и Остин, организацијата на нападот паѓа исклучиво на Леброн Џејмс. Редик најави дека ќе се обиде со различни тактички комбинации за да не го „прегори“ својот најдобар играч, но јасно е дека без Дончиќ, Лејкерс се сосем поинаков тим. Првиот натпревар од серијата се игра в сабота, а „езерџиите“ влегуваат во него со огромна рана во составот.



