Историја во Струмица: Охрид го демолираше Пелистер и закажа свое прво Куп-финале!

 

Објавено:

Ракометарите на ГРК Охрид го направија најголемиот подвиг во својата клупска историја! Во првото полуфинале од завршниот Ф4 турнир во Купот на Македонија, кој се одржува во салата „Парк“ во Струмица, „Гладијаторите“ целосно го надиграа актуелниот шампион Еурофарм Пелистер со убедливи 26:19 (13:7) и заслужено патуваат во големото финале.

За тимот предводен од Борис Ројевиќ, ова е трета победа по ред против битолскиот гигант оваа сезона, со што докажаа дека прераснуваат во сериозна ракометна сила во Македонија.

Доминација од првата до последната минута Охриѓани влегоа во натпреварот максимално мотивирани и тактички беспрекорно подготвени. Одбраната функционираше перфектно, а на голот блескаше гранитниот Пилиповиќ (заврши со 9 одбрани). Битолчани беа целосно безидејни во нападот, правеа технички грешки кои Охрид немилосрдно ги казнуваше преку Ѓукиќ и Јагуриновски. Предноста константно растеше, па на полувремето изнесуваше огромни 13:7.

На стартот од вториот дел, очекуваната реакција од Пелистер изостана. Напротив, Охрид продолжи да гази и во 44-тата минута дојде до неверојатна двоцифрена предност од 20:10. Избраниците на Стевче Алушовски до крајот успеаја само благо да го ублажат срамот за конечни 26:19.

Кај победниците најефикасни беа Ѓукиќ и Јагуриновски со по пет гола, додека кај Еурофарм Пелистер единствена светла точка беше капитенот Филип Кузмановски со девет погодоци.

Кузмановски: „Сами сме виновни, навистина боли“ Капитенот на битолчани по натпреварот не го криеше разочарувањето од катастрофалното издание на својот тим.

„Сами сме виновни за овој пораз, навистина боли. Одигравме лошо од почеток до крај. Не бевме тој препознатлив тим како против Алкалоид. Честитки за Охрид и им посакувам среќа во финалето,“ изјави Кузмановски.

Од друга страна, голманот на Охрид, Бојан Блажески, со гордост го прослави историскиот момент:

„Го одигравме еден од најдобрите натпревари сезонава. Одбраната беше клучна. Без разлика со кого ќе играме во финалето, ова е веќе историја за Охрид!“

Извор: ГРК Охрид {https://www.instagram.com/hcohrid/}

Лавина од критики од битолските навивачи Поразот и бледата игра предизвикаа вистински земјотрес меѓу навивачите на Еурофарм Пелистер. На официјалната Фејсбук страница на клубот, фановите оставија стотици коментари полни со револт, барајќи одговорност, оставки и драстични промени. Навивачите ја критикуваат незаинтересираноста на странските засилувања, недостатокот на борбеност и тактичките промашувања, порачувајќи дека ваквиот однос е непочитување кон светиот зелено-бел дрес.

Охрид сега го чека победникот од второто полуфинале меѓу Вардар и Алкалоид за да дознае против кого ќе се бори за својот прв историски трофеј.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено