Откако РК Вардар 1961 го освои својот 18-ти трофеј во Купот на Македонија по инфаркт-финалето против ГРК Охрид (24:23) во Струмица, тренерите на двете екипи ги изнесоа своите видувања за натпреварот.
За Иван Чупиќ, легендата на Вардар кој како играч ја покори Европа, ова е прв освоен трофеј во улога на главен тренер. Од друга страна, српскиот стратег на клупата на Охрид, Борис Ројевиќ, имаше за што да жали, посочувајќи ги повредите како главен фактор за поразот.
Чупиќ: „Маратонот не е готов, Вардар мора да гази до крај!“
Хрватскиот стручњак не ја криеше гордоста од карактерот што го покажаа неговите играчи, особено во моментите кога Охрид имаше водство од три гола разлика во второто полувреме.
„Финалињата се секогаш тешки, со многу стресови и емоции. Уште претходно ги подготвувавме играчите на психолошки план, знаевме дека ќе има ‘црни’ моменти, но дека не смееме да се откажуваме. Кога имавме мала криза (на 20:17 за Охрид), побарав тајм-аут и им благодарам на момците што во тој момент се смирија, одеа чекор по чекор и ја вратија позитивата,“ изјави Чупиќ.
Тој додаде дека победничкиот менталитет бил пресуден:
„Малку среќа, малку индивидуален квалитет, но најмногу карактер и победнички менталитет беа пресудни. Ова е прв трофеј за мене како тренер, но бескрајно сум среќен поради мојата екипа. Горд сум на нив! Имаме предност во првенството, но математиката сè уште не е готова. Респект за сите противници (Бутел, Алкалоид, Тиквеш, Пелистер), но ние сме Вардар и мора да ‘газиме’ до крај. Маратонот уште не е готов!“
Ројевиќ: „Без клучните играчи, тоа беше максимумот“
Тренерот на Охрид, Борис Ројевиќ, беше видно разочаран од пропуштената историска шанса, нагласувајќи дека кратката ротација и повредите го зеле својот данок.
„Дојдовме без два клучни бека, Борозан и Петриќ, а на полувреме го загубивме и Стрмљан. Мислам дека тоа е главната причина зошто го загубивме овој натпревар. Замислете да ги имавме тие играчи во ротација, ќе бевме многу поблиску до победата. Буквално одлучуваше една топка,“ истакна Ројевиќ.
Српскиот стратег сепак им честиташе на своите избраници за лавовската борба:
„Вардар има поширок ростер. Но, и покрај тоа покажавме квалитетен ракомет и машка одбрана. Навистина тежок момент за нас, бидејќи искрено очекував дека ќе победиме. Жал ми е за момците. Шок ни беше повредата на Стрмљан, но сега сè е во рацете на докторите.“
Охрид сега ги насочува мислите кон европските предизвици, каде ги очекува полуфинален двомеч против словенечки Целје во ЕХФ Купот.



