Што се случува во Битола? Сè погласни гласините за заминување на Алушовски

 

Објавено:

Битолската ракометна јавност е во исчекување на официјални информации по бурните неколку дена во таборот на актуелниот шампион. По шокантната елиминација во полуфиналето на Купот на Македонија од екипата на ГРК Охрид, над „Автокоманда“ и Битола се надвисна голем знак прашалник: Дали Стевче Алушовски е сè уште предводник на Еурофарм Пелистер?

Молк на официјалните канали

Она што дополнително ги подгрева шпекулациите е необичниот молк од страна на клубот. Иако Еурофарм Пелистер важи за еден од спортските колективи со редовни објави на своите социјални мрежи, официјалните канали на клубот мируваат уште од болниот пораз во Купот. Оваа „дигитална тишина“ за многумина е сигнал дека зад затворени врати се носат крупни одлуки и дека во клубот владее сериозна реорганизација.

Навивачите веќе се збогуваат

Гласините добија на интензитет по објавата на една од навивачките групи на социјалните мрежи, каде (не)официјално беше најавено дека Алушовски веќе не е тренер на тимот. Според овие наводи, легендарниот македонски ракометар првично понудил оставка уште по првенствениот пораз од Охрид, која тогаш наводно била одбиена, но дебаклот во Купот бил „последната капка“ која ја прелила чашата.

Во навивачките кругови веќе се дебатира за неговиот наследник, а пораката е јасна – на Пелистер му е потребен тренер со долгорочна визија кој ќе знае да го издржи огромниот притисок што го носи битолската публика.

Се чека официјален став

И покрај силните шпекулации во медиумскиот простор дека тимот до крајот на шампионатот ќе го предводи помошникот Алексо Лембанов, сè уште нема официјална потврда од управата на клубот за прекин на соработката со Алушовски.

Според изворите на Спортска Станица, Алушовски навистина поднел оставка после поразот од Охрид, но управата истата не ја прифатила, па се очекува тој да го води клубот до крајот на сезоната.

Дали Стевче Алушовски ќе добие шанса да го поправи впечатокот на „вечното дерби“ против Вардар во мај или Битола навистина ќе бара нов „капетан“ за својот брод, останува да видиме во наредните денови (или часови). Едно е сигурно – на „Пелистерци“ им е потребен брз излез од кризата доколку сакаат да ја спасат сезоната во која титулата во домашното првенство сега изгледа многу подалеку отколку пред неколку недели.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено