Кошаркарите на Црвена Звезда не успеаја да направат изненадување во Барселона и ја завршија својата авантура во Евролигата за оваа сезона. Во првиот плеј-ин натпревар одигран во „Палау Блауграна“, каталонскиот гигант славеше со 80-72, со што ги елиминираше „црвено-белите“ од понатамошното натпреварување.
За Звезда ова е втора последователна сезона во која настапите во елитното натпреварување ги завршува токму во плеј-ин фазата, додека Барселона си закажа пресметка со Монако за последното место кое води во плеј-офот.
Клајберн со историска четвртина ја „скрши“ Звезда
Натпреварот започна со неверојатна серија на Вил Клајберн. Американецот во дресот на Барса постави нов клупски рекорд со дури 18 постигнати поени само во првата четвртина, погодувајќи шест тројки за да му донесе на својот тим предност од 29-21.
Звезда немаше одговор за расположениот домаќин, па на полувреме Барселона замина со удобни +14 (47-33). На почетокот на третиот период, предноста на Каталонците се искачи и на максимални 21 поен разлика (54-33), што најавуваше убедлив пораз за Белграѓани.
Задоцнет обид за пресврт
Иако беа во длабока бездна, избраниците на Саша Обрадовиќ не се предаваа. Предводени од Коди Милер-Мекентајер (19 поени) и Џаред Батлер (16 поени), кошаркарите на Звезда успеаја да направат серија и на четири минути пред крајот да се приближат на само девет поени негатива (72-63).
Сепак, Томаш Саторански со клучна тројка и Кевин Пантер со сигурни изведувања на слободни фрлања ги одбија нападите на гостите и го осигураа триумфот на Барселона. Кај победниците, Клајберн и Пантер беа најефикасни со по 22 поени.
Панатинаикос веќе е во плеј-офот
Во другиот плеј-ин дуел, Панатинаикос пред своите фанатични навивачи во Атина го совлада Монако со 87-79. ТЈ Шортс одигра партија на сезоната со 21 поен и го одведе својот тим директно во плеј-оф серијата против Валенсија. Монако сега ќе ја има последната шанса за „поправен“ во петок, кога дома ќе ја пречека Барселона во директен дуел за осмата позиција.



