Она што се најавуваше како можност веќе извесен период, денеска ја доби својата официјална потврда. Левиот бек на Вардар, Дмитро Горига, по завршувањето на оваа сезона го напушта Скопје и кариерата ќе ја продолжи во редовите на унгарскиот гигант Пик Сегед.
Иако раководството на „црвено-црните“ вложи максимални напори да го задржи Украинецот, кој стана еден од клучните играчи и миленик на навивачите, желбата на Горига за нов предизвик во Лигата на шампионите пресуди тој да ја прифати понудата од Унгарија.
Договор на две години за „бомбардерот“ од Украина
Пик Сегед попладнево го промовираше Горига како свое ново засилување, потврдувајќи дека е потпишан договор со важност до јуни 2028 година. За 28-годишниот ракометар ова е враќање на најголемата европска сцена, каде претходно настапуваше со тимот на Мотор Запорожје.
„Многу сум возбуден за можноста да играм за Пик Сегед и да ја искусам посебната атмосфера на овој клуб. Слушнав многу добри работи за навивачите и градот, и едвај чекам да ја почувствувам таа енергија. Мојата цел е секој ден да го давам максимумот и да му помогнам на тимот да стигне до нови успеси“, изјави Горига за официјалниот сајт на унгарскиот клуб.
Заминува со трофеј и неизбришлива трага во Скопје
Горига пристигна во Вардар во 2024 година и за кратко време стана „моторот“ на бековската линија. Со својот разорниот шут и пожртвуваност, тој беше еден од најзаслужните за освојувањето на Купот на Македонија оваа сезона.
Украинскиот репрезентативец има богато интернационално искуство, настапувајќи во Полска (Шчецин), Шпанија (Нава), Франција (Пе д’Екс) и Катар (Ал Араби), пред да се скраси во Скопје. Унгарците во него гледаат идеално засилување за левата бековска позиција, користејќи ги неговите 196 сантиметри и силниот шут од далечина.
Додека унгарскиот гигант Пик Сегед официјално го промовираше Дмитро Горига како свое ново засилување, Вардар експресно одговори со потпис кој предизвика огромно внимание – нов организатор на играта во Скопје ќе биде францускиот супер-талент Матео Фадуил.Претседателот Михајло Михајловски на денешната прес-конференција потврди дека ростерот за следната сезона е комплетиран и дека Вардар ќе биде значително помоќен.



