Роденденско славје: Вардар го совлада Алкалоид и со една рака веќе го држи пехарот!

 

Објавено:

На денот кога најтрофејниот македонски ракометен бренд го прослави својот 65-ти роденден, „црвено-црните“ на најубав можен начин ги почестија своите верни навивачи. Во вистинска празнична атмосфера во СЦ „Јане Сандански“, Вардар 1961 славеше над Алкалоид со 30-27, победа која ги носи на само еден чекор, на само еден бод, до враќање на шампионската титула во своите витрини.

Ова беше петти триумф на Вардар над тимот на Кирил Лазаров во исто толку натпревари сезонава, со што избраниците на Иван Чупиќ потврдија дека во моментов се апсолутни владетели на македонските терени.

Роденденско дружење и емоции пред салата

Прославата на јубилејот започна уште пред почетокот на натпреварот. Пред салата „Јане Сандански“ беше организирано големо навивачко дружење, каде фановите од сите генерации се потсетија на славните денови и успесите на двократниот европски шампион. Иако можеби ваков значаен јубилеј на клуб со реномето на Вардар заслужуваше целосно исполнети трибини до последното место, оние кои беа присутни создадоа атмосфера полна со емоции и поддршка која му даде „ветер во грб“ на тимот во клучните моменти.

Валах „спушти ролетна“, Малус немилосрден

Самиот натпревар помина во знакот на доминацијата на Вардар. Иако Алкалоид пружи силен отпор во првите 15 минути, „црвено-црните“ полека го наметнаа својот ритам. Клучен фактор на голот беше Милош Валах, кој со 13 интервенции ги сопираше нападите на гостите токму кога тие се обидуваа да фатат приклучок.

На спротивната страна, Јака Малус одигра симултанка со одбраната на Алкалоид, постигнувајќи 8 голови. Вардар на пауза замина со водство од 17-14, а во вториот дел предноста само се зголемуваше, достигнувајќи и максимални „плус шест“ (27-21). Иако Лазаров се обидуваше со тајм-аути и ротации да го врати својот млад тим во игра, искуството и самодовербата на вардарци беа преголеми.

На чекор до „крунисување“ против вечниот ривал

Со оваа победа, Вардар сега има 54 бодови, десет повеќе од Пелистер и Охрид (со натпревар повеќе). Математиката е јасна: на Вардар му е потребен само еден бод во преостанатите четири кола за и официјално да биде промовиран во нов шампион.

Шансата за тоа доаѓа веќе во следното коло, во „вечното дерби“ против Еурофарм Пелистер кое ќе се игра во Скопје. Тоа ќе биде идеална прилика за комплетирање на роденденската бајка.

„Психологијата во главите на играчите сега е сосема поинаква од онаа во август. Се гледа дека сме малку уморни по Ф4 во Купот, но публиката ни даде екстра енергија кога беше најпотребно“, изјави по мечот тренерот Иван Чупиќ.

Сега сите погледи се насочени кон Европа – Вардар на 28 април го пречекува Монпелје во четвртфиналето на Лигата на Европа, натпревар кој е од огромно значење за македонскиот ракомет. По повод 65-от роденден, да му посакаме на Вардар да се врати онаму кадешто припаѓа – на врвот на Европа.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено