Ракометна треска го тресе Скопје! По историските пласмани и фантастичните изданија, РК Вардар 1961 е на само еден чекор до големата завршница (Фајнал 4) во ЕХФ Европската лига. Последниот предизвик на тој пат е стариот француски должник, Монпелје.
Откако првиот четвртфинален натпревар ќе се одигра на 28-ми април во Франција, реваншот кој ќе го одлучи патникот во Хамбург е закажан за 5 мај (вторник) со почеток во 20:45 часот во СЦ „Јане Сандански“.
„Јане Сандански“ мора да биде пекол!
РК Вардар денеска и официјално ја започна продажбата на билетите за овој европски ракометен блокбастер. Од клубот порачуваат: „Да го направиме последниот чекор заедно! Да го наполниме Јане Сандански!“.
Поддршката од трибините, познатиот скопски пекол кој неброено пати кршел европски гиганти, ќе биде клучниот „осми играч“ за избраниците на Иван Чупиќ.
Цени на билетите и каде да ги купите
Влезниците може да се набават онлајн преку TicketX, како и на билетарницата пред СЦ „Јане Сандански“ (секој работен ден од 10:00 до 18:00 часот).
Цените се прилагодени за сечив џеб:
- Блок А, 1, 2, 3, 8, 11, 16 – 300 денари
- Блок А1, А4, Г, 4, 5, 7, 12, 13, 14, 15 – 400 денари
- Блок А2, А3, А5, А6 – 500 денари
Навивачите веќе се мобилизираат
Вистинската навивачка еуфорија веќе започна на социјалните мрежи. Еден од најверните фанови на Вардар, нашиот познат шеф Виктор Настески, веќе испрати повик до сите вљубеници во „црвено-црната“ боја:
„Јас и Леонид ќе сме во сала, а вие? СИТЕ ВО САЛА, да го наполниме Јане до последното место! ЕДЕН ЖИВОТ – ЕДНА ЉУБОВ!“ – напиша Настески, шеговито додавајќи дека части пиво за присутните.
Картите брзо се трошат. Набавете го својот билет навреме и бидете дел од новиот историски успех на македонската спортска гордост!



