Возбудувањата во НБА плејофот продолжуваат со полн интензитет. Хјустон Рокетс покажаа карактер и успеаја да избегнат елиминација со убедлива победа над Лејкерс, додека во Торонто видовме раѓање на нова плејоф икона во ликот на Скоти Барнс, кој ја израмни серијата против Кливленд.
Враќањето на „вонземјанинот“: Вембањама со застрашувачка партија ги донесе Спарси на чекор до полуфинале
Портланд Трејлблејзерс – Сан Антонио Спарс 93-114 | (1-3 во серијата)
Виктор Вембањама се врати на теренот по паузата поради потрес на мозокот и веднаш потсети зошто е најстрашниот дефанзивец во лигата. Со 27 поени, 11 скокови и дури 7 блокади, францускиот гигант го предводеше Сан Антонио до убедлив триумф во Портланд за предност од 3-1 во серијата.
Натпреварот имаше две потполно различни полувремиња. Портланд доминираше во првиот дел, водејќи со дури 19 поени разлика, за на пауза да замине со предност од 58-41. Сепак, Спарси одговорија со фуриозна серија од 13-0 на стартот на второто полувреме, целосно топејќи ја предноста на домаќините. Клучниот удар дојде во последната четвртина преку Деарон Фокс (28 поени) и Келдон Џонсон, кои со тројки ја зголемија предноста на недостижни +20.
И покрај победата, Вембањама по мечот изрази незадоволство од начинот на кој беше менаџирано неговото враќање во игра, нарекувајќи го „разочарувачки“, но нагласи дека медицинскиот тим на Спарси го третирал одлично. Дени Авдија со 26 поени беше најдобар кај Блејзерси, но не успеа да го спречи налетот на Сан Антонио, кој веќе во вторник пред своите навивачи може да ја затвори серијата.
Рокетс одговорија на притисокот: „Метлата“ остана во плакарот
Хјустон Рокетс – ЛА Лејкерс 115-96 | (1-3 во серијата)
Со грбот потпрен до ѕид, младиот тим на Хјустон Рокетс одигра брилијантен натпревар и ја забележа првата победа во серијата. Иако повторно беа без Кевин Дјурант (кој отсуствуваше поради повреда на зглобот), Рокетс доминираа од почетокот до крајот, предводени од Амен Томпсон кој постигна 23 поени.
„Горд сум на момците. Знаевме дека мораме да одговориме на предизвикот и конечно почнавме да ги погодуваме шутевите“, изјави Томпсон по мечот. Целата стартна петорка на Хјустон беше двоцифрена, додека кај Лејкерс потфрлија главните ѕвезди.
Леброн Џејмс го имаше еден од своите најслаби натпревари во плејоф кариерата, завршувајќи со само 10 поени (2/9 од игра) и дури 8 изгубени топки. Дополнителен удар за „езерџиите“ беше исклучувањето на Деандре Ејтон во третата четвртина поради намерен прекршок врз Алперен Шенгун. Серијата сега се сели во Лос Анџелес за петтиот натпревар кој се игра во среда.
Храброста на Ембид не беше доволна: Селтикс со „дожд“ од тројки ја замолкнаа Филаделфија
Филаделфија 76ерс – Бостон Селтикс 96-128 | (1-3 во серијата)
Ниту враќањето на поранешниот МВП по итна операција не можеше да го сопре налетот на Бостон Селтикс. Иако Џоел Ембид се појави на теренот само 17 дена по отстранувањето на слепото црево, носејќи заштитна ортоза околу стомакот, Бостон одигра супериорен меч и со победа од 32 поени разлика стигна на чекор до конференциското полуфинале.
Херој на вечерта беше Пејтон Причард, кој постигна рекордни 32 поени, погодувајќи шест од вкупно 24-те тројки на Селтикс. Веднаш до него беше Џејсон Тејтум, кој со 30 поени и 11 асистенции потврди дека целосно го надминал тешкиот период по повредата на Ахиловата тетива.
Ембид започна фуриозно, постигнувајќи ги првите 8 поени за својот тим, но брзо остана без здив. Натпреварот беше решен уште во првиот дел кога Бостон направи огромна разлика во скоковите (51-30) и во поените од втора шанса (13-0). Тајрис Макси додаде 22 поени за Сиксерси, но призна дека неговиот бавен старт бил „неприфатлив“. Серијата сега се сели во Бостон, каде домаќините веќе во вторник можат да стават точка на овој дуел.
Скоти Барнс е новиот „крал“ на Торонто
Торонто Рапторс – Кливленд Кавалирс 93-89 | (2-2 во серијата)
Ако некој се сомневаше дали Скоти Барнс има капацитет да биде лидер на шампионски тим, четвртиот натпревар против Кливленд ги отстрани сите дилеми. Во „валкан“ натпревар каде одбраните доминираа, а обрачите „страдаа“, Барнс беше единствената светла точка која ја направи разликата.
Барнс и Брендон Инграм постигнаа по 23 поени, но влијанието на Скоти беше многу поголемо од самите бројки. Тој стана првиот играч во историјата на Рапторс кој постигнал 20+ поени на првите четири натпревари од една плејоф серија, подвиг кој ниту Каваи Ленард не го постигна во шампионската 2019 година.
Натпреварот беше вистинска рововска битка. Торонто победи со само 32% шут од игра (и очајни 4/30 за три поени), но ја ограничи петтата најдобра офанзива во лигата на само 89 поени. Во драматичниот финиш, Рапторс направија серија од 15-3, а Барнс ја запечати победата со ладнокрвни слободни фрлања во последните секунди. Донован Мичел и Џејмс Харден кај Кливленд потфрлија под притисокот на фанатичната одбрана на домаќините.



