Гостинска статија на Димитрие Маневски
Ако може да кажеме дека првото коло од светското првенство во снукер донесе очекувани резултати бидејќи помина во знакот на победите на фаворитите, второто коло исто така очекувано ја донесе вистинската драма, пресврти и дуели кои се вистински класици и кои без сомнение долго време ќе бидат прераскажувани помеѓу вљубениците на овој перфекционистички спорт.
Најпрвин би сакал да се осврнам на снукер „Ел Класико“, а тоа е дуелот меѓу Рони Осаливен и Џон Хигинс. Рони во мечот влезе фуриозно, поведе со 6-2, и со својот препознатлив самоуверен стил на игра остави впечаток дека крајниот резултат може да оди само во еден правец. Во ист стил на отвори втората сесија, но по едно неочекувано промашување како да го изгуби својот фокус и почетната инерција, влезе во негативна спирала и покажа многу знаци на нервоза, што му овозможи на Хигинс да остане во мечот и првиот ден беше затворен со резултат 9-7.
Наредниот ден беше очигледно дека Хигинс успеа да го подигне своето ниво и охрабрен од резултатот кој го пренесе од претходниот ден, продолжи да врши притисок врз Рони и дојде до целосен пресврт и водство од 12-11 за Хигинс. Рони покажа зошто е еден од најголемите во историјата на овој спорт и со одличен брејк го изедначи резултатот, што значеше дека овој меч ќе му припадне на победникот во последната партија. Во околности на неверојатен притисок, на најголемата снукер сцена во светот, двајцата шампиони имаа неколку шанси да ја однесат победата.
Најпрвин Хигинс дојде до прилика но ја изгуби белата топка и мораше да премине во дефанзива, потоа Рони ја превзема иницијативата но промаши релативно лесна црвена топка, што значеше дека повторно Хигинс се најде во позиција да ја однесе победата. Сепак притисокот придонесе тој повторно да ја загуби позицијата на белата топка и да одигра дефанзивно. Рони се обиде да возврати со т.н. „двонасочен“ удар, и му остави на Хигинс позиција која според секоја логика требаше да се игра дефанзивно, но големиот шампион ја нападна црвената топка и со брилијантен погодок под неверојатен притисок успеа да дојде до победата.
Со оваа победа Хигинс е меѓу малкуте ако не и единствен играч кој има позитивен скор во дуелите со Осаливен, факт заради кој и самиот Осаливен секогаш истакнува дека Хигинс е неговиот најголем ривал и веројатно најдобриот играч со кого се соочил во својата кариера.
Во „Кинеското дерби“ се сретнаа актуелниот светски првак, младиот Жао Џинтонг и неговиот идол, ветеранот и несомнено најпознатиот играч од НР Кина Динг Жунгви. Очигледно беше дека младиот Џинтонг демонстрираше огромен респект кон играчот заради кој започнал да игра снукер, што придонесе мечот постојано да биде резултатски неизвесен, но сепак во последната сесија тој го покажа својот раскошен талент и стигна до победата со резултат 13-9.
Најубедлив во второто коло беше Шон Марфи кој во ниту еден момент не му дозволи на својот противник да има надеж дека може да дојде до позитивен резултат и со убедливи 13-3 се наметна себеси како еден од фаворитите за освојување на овој турнир.
Младиот Ву Јизе успеа да го совлада секогаш солидниот Марк Селби, додека Нил Робертсон триумфираше над Крис Вакелин кој беше рамноправен се до моментот кога направи еден невообичаен фаул допирајќи ја жолтата топка со својата штека, што сосема го исфрли од баланс. Во останатите мечеви Бери Хокинс го елиминирање Марк Вилијамс, додека Марк Ален кој пред светското првенство отворено најави дека се освен триумф за него би претставувало неуспех, го продолжи својот поход кон титулата совладувајќи го поранешниот светски шампион Кајрен Вилсон со 13-9.
Последниот меч од ова коло беше дуелот на светскиот број 1 Џад Трамп и Хосеин Вафаеи од Иран. Доколку овој меч го анализираме низ една неспортска призма, неверојатна коинциденција е дека овој дуел на Трамп и Иран е своевидно „дежа ву“, односно веќе доживеана работа во реалниот свет. Но за разлика од трагичните случувања во неспортскиот дел од светот, овој меч беше импресивен, џентлменски и исклучително интересен.
Можеби заради сите овие коинциденции сите љубители на снукерот предчувствуваа дека ќе посведочат на одлична претстава. Трамп ја имаше иницијативата од самиот почеток и во средината на мечот успеа да го наметне својот напаѓачки стил на игра и да обезбеди водство од 10-7. Но во овој период Иранецот Вафаеи демонстрираше зошто е еден од најценетите играчи на професионалната турнеа и покажа цврстина под притисокот кој го носи светското првенство и успеа да го преземе водството во мечот. Трамп успеа да возврати и да дојде на чекор до победата, но одличниот Вафаеи избори мајсторка, односно го израмни резултатот на 12-12.
Во последната партија Трамп прв имаше можност да ја обезбеди победата, но по којзнае кој пат бевме сведоци како притисокот ги менува играчите. Во ситуација во која Трамп вообичаено би бил агресивен и силно би нападнал, тој одигра колебливо и мораше да премине во дефанзива. Во тактичката размена на удари, тој прв погреши што му овозможи на Вафаеи да се врати на масата со можност да нападне. Оваа можност беше се што му треба на Иранецот кој неколкупати успеа да погоди извонредно тешки удари и да обезбеди триумф и за него прв пласман во ¼ финалето на светското првенство.
По крајот на мечот двајцата играчи срдечно се поздравија и упатија изобилство на пофални коментари за својот противник и покажаната игра. Токму ова е нешто што е прекрасен аспект на снукерот и сигурен сум дека голем број од фановите на овој спорт се вљубиле во него токму заради овој џентлменски кодекс и демонстрацијата на вистинско спортско витештво.
Сите овие карактеристики на снукерот како спорт, но и на светското првенство како вистински спортски спектакл, по којзнае кој пат демонстрираат зошто спортот е нешто што треба да зазема поголемо и поважно место во животот на секој човек, а со самото тоа несомнено да придонесе светот утре да биде подобар од оној во кој живееме денес.



