(Не)Возможна мисија: Вардар брка чудо од десет гола против Монпелје за европска пролет!

 

Објавено:

СЦ „Јане Сандански“ вечерва од 20:45 часот ќе биде арената во која македонскиот ракометен гигант ќе се обиде да испише нова историја. Во реваншот од четвртфиналето во Европската лига на ЕХФ, Вардар 1961 го пречекува францускиот Монпелје.

По тешкиот пораз на гостувањето минатата недела од 33-23, пред „црвено-црните“ стои вистинска планина за искачување. Но, ако некој клуб низ историјата покажал дека чудата во ракометот се можни кога зад себе ја има пеколната поддршка на „Комитите“, тогаш тоа е дефинитивно македонскиот двократен европски шампион.

Враќање на клучните фигури во ростерот

Стратегот на скопјани, Иван Чупиќ, пред натпреварот најави бескомпромисна борба од првата минута и перфектен натпревар. Најдобрата вест за стручниот штаб е враќањето на двајцата клучни бекови во тимот, Дмитро Горига и Јака Малус. Нивното отсуство на првиот меч во Франција се покажа како ненадоместлив хендикеп за организацијата на вардаровата игра.

Сепак, сè уште останува енигма колку овие двајца ќе можат да поминат на паркетот по неодамнешните повреди. За разлика од нив, во ростерот за вечерашниот дуел нема да биде средниот бек Марио Танкоски.

Францускиот план за гасење на надежта

Од другата страна, тимот на Монпелје во Скопје допатува со комфорна предност од десет гола, но и со голема претпазливост пред жешкиот македонски терен. Тренерот на гостите, Ерик Мате, има јасна стратегија за реваншот: „Мора да издржиме во првото полувреме и да го задушиме ентузијазмот на Вардар. Ако тоа ни успее, во вториот дел ќе им ги згаснеме надежите за завршниот турнир“.

Французите ќе настапат без повредените Турин, Пелас и Балагер, но во Скопје ги донесоа своите најголеми ѕвезди како Диего Симоне, Валентин Порт и репрезентативниот голман Реми Дебоне. Правдата на вечерашниот натпревар ќе ја дели унгарската судиска двојка Адам Биро и Оливер Киш.

Традицијата вели дека Французите паѓале во Скопје

Иако заостатокот е огромен, традицијата во меѓусебните дуели е на страната на македонскиот шампион. Во досегашните 12 соочувања, забележани се дури 7 победи на Вардар, едно реми и само 4 триумфи на Монпелје.

Домашната јавност сè уште го памети болниот пораз на Ф4 турнирот во 2018 година, па овој натпревар е идеална шанса за спортска одмазда. На играчите останува да остават срце на терен, да не се предадат предвреме и да покажат карактер, па на крајот да видиме за што ќе биде доволно тоа.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено