Ракометарите на ГРК Охрид приредија вистински подвиг во рамките на плеј-офот од Суперлигата, совладувајќи го актуелниот шампион Вардар 1961 со 26-24. Иако „црвено-црните“ веќе математички ја имаат обезбедено титулата, „Гладијаторите“ покажаа многу поголема мотивaција на теренот во „Билјанини извори“, правејќи огромен чекор во битката за вицешампионската позиција.
Натпреварот во Охрид започна со цврсти одбрани на двете страни, но Вардар успеа подобро да се снајде во финишот на првиот дел и на пауза замина со предност од 12-14. Гостите дури и ја зголемија предноста на стартот на второто полувреме (12-16), но тогаш избраниците на Борис Ројевиќ одговорија со фуриозна серија од 4-0. Клучниот пресврт се случи кога домаќините поведоа со највисоки 21-17, предводени од поранешниот вардарец Дарко Ѓукиќ и расположените Анте Иванковиќ и Косуке Јасухира.
Во драматичната завршница, Вардар се обидуваше да се врати и во неколку наврати дојде на само „минус еден“, но голманот Кристијан Пилиповиќ со клучна интервенција при резултат 26-24 ги осигура трите бода за охриѓани.
Најефикасни кај Охрид: Анте Иванковиќ (6), Косуке Јасухира (6).
Најефикасен кај Вардар: Жоао Педро Да Силва (5).
Алкалоид се разбуди во Кавадарци и го освои „Јасмин“
По серијата од три порази, екипата на Алкалоид конечно им се врати на победите во Суперлигата, славејќи на тешкото гостување кај ГРК Тиквеш со 23-30.
Иако првото полувреме понуди изедначена борба во која избраниците на Кирил Лазаров имаа минимална предност од 11-12, работите на теренот целосно се променија во вториот дел. По израмнетиот почеток на продолжението, Алкалоид направи клучна серија со која од 16-17 се одлепи на недостижни 16-20, а потоа и на 19-25, со што го реши прашањето на победникот во Кавадарци.
Лидери кај Алкалоид: Урош Борзаш блесна со седум гола, додека Улфар Тордарсон додаде шест. Младиот голман Ѓорѓи Николовски имаше забележителен настап со девет интервенции.
Лидери кај Тиквеш: Томче Стојановски и Богдан Мијушковиќ постигнаа по шест погодоци.



