Враќање на легендата: „Маго ди Умаго“ ќе го враќа Пелистер на шампионските патеки

 

Објавено:

Екипата на Еурофарм Пелистер, по една турбулентна сезона во која смени тројца тренери и остана без шампионската титула и без трофеј во Купот, подготвува вистинска сензација! Информацијата која наскоро треба да добие и официјална потврда, легендарниот хрватски стратег Лино Червар од јули седнува на клупата на битолскиот тим.

Она што до неодамна изгледаше недостижно, сега е пред реализација. Двете страни веќе си подале рака, а 75-годишниот ракометен визионер веќе разговара со управата на клубот за можните засилувања за следната сезона.

Враќањето на големиот Лино

За македонската јавност, Лино Червар не е само тренер, туку човек кој остави неизбришлива трага во нашиот спорт. Популарниот „Маго ди Умаго“ осум години (од 2009 до 2017) беше творецот на чудото наречено Металург, со кое освои четири шампионски титули, три Купа и двапати стигна до четвртфиналето во Лигата на шампионите (2014 и 2015).

Во периодот од 2016 до 2017 година, тој ја предводеше и македонската ракометна репрезентација, а неговата поврзаност со нашата земја е потврдена и со фактот што поседува македонски пасош.

Искуство кое му недостасуваше на Пелистер

Оваа сезона Еурофарм Пелистер навистина „луташе“ со тренерските решенија. По заминувањето на Рубен Гарабаја и кратката епизода на Шундо тимот го презеде Стевче Алушовски, за на крајот главната улога да ја добие Александар Јовиќ. И покрај солидната европска сезона каде освоија шест бода во групата од Лигата на шампионите, домашниот неуспех алармираше дека на тимот му е потребен авторитет кој ќе донесе долгорочна стабилност.

Иако Червар беше надвор од тренерската клупа уште од сезоната 2018/2019 (кога последен пат го водеше ППД Загреб), неговата енергија, страст и емоција крај аут-линијата никогаш не згаснаа. Човекот кој на Хрватска ѝ донесе светско злато во 2003 и олимписко злато во 2004 година, сега е пред нов предизвик, да го врати Еурофарм Пелистер на шампионските патеки.

Официјалната промоција се очекува по завршувањето на тековната сезона.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено