Она што вчера го најавивме како сензација, денес доби и официјална потврда од битолскиот клуб. Екипата на Еурофарм Пелистер ја започнува својата нова приказна за сезоната 2025/26 со назначувањето на еден од најголемите во историјата на овој спорт – легендарниот Лино Червар.
Хрватскиот тренерски маг и официјално се обврза на двегодишен договор со македонскиот шампион, преземајќи ја одговорноста за целиот проект на клубот во „најракометниот град“. По една турбулентна сезона во која битолчани останаа без домашните трофеи, управата одлучи дека е време за авторитет кој е синоним за ракометен успех на овие простори.
Проект за враќање на шампионскиот трон
Од таборот на Еурофарм Пелистер порачуваат дека во нивниот идентитет „не постојат мали цели“. Изборот на Червар не е само желба за моментален резултат, туку амбиција проектот да се издигне на уште повисоко ниво од претходните години на доминација и учество во Лигата на шампионите.
„Мора секогаш да бидеме на висината на предизвикот, да го следиме трендот и да го надградуваме проектот. Чувствуваме дека ова е вистинскиот момент довербата да му биде дадена на Лино Червар“, стои во официјалното соопштение на клубот.
Човекот кој го познава македонскиот ген
За македонската јавност, Лино Червар е многу повеќе од обичен тренер. Популарниот „Маго ди Умаго“ веќе направи големи нешта во нашата земја, афирмирајќи десетици ракометари и создавајќи шампионски генерации во Металург и македонската репрезентација.
Неговото искуство како олимписки и светски првак со Хрватска, комбинирано со неговата длабока поврзаност со Македонија, го прави идеално решение за клубот кој по заминувањето на неколку тренерски имиња сезонава, конечно бара долгорочна стабилност. Лино не само што освојуваше титули, туку е познат како педагог кој создава „зрели личности“ од своите млади ракометари.
Официјалната презентација на новиот предводник на Еурофарм Пелистер ќе се случи наскоро, кога Червар и формално ќе ја започне својата мисија за враќање на битолската гордост на врвот.



