Македонските ракометни тренери со забележителни резултати во пониските лиги во Германија

 

Објавено:

Гостинска статија на Горан Талевски

Македонскиот ракомет одамна е препознатлив бренд во Европа, но успесите не се врзани само за домашните клубови и репрезентацијата. Интересно е да се напомене дека голем број македонски тренери веќе со години во континуитет и исклучително успешно работат во пониските германски лиги, градејќи респект во земјата која го негува можеби најквалитетниот ракометен систем во светот.

Пред сè, тука се нашите поранешни репрезентативци и истакнати играчи, кои претходно имаа значајна улога на теренот бранејќи ги боите на најголемите македонски клубови, а денес успешно се докажуваат и како тренери. Меѓу нив се Филип Миркуловски, Филип Лазаров, Ацо Јоноски, Игор Тоскоски, како и младите тренери Стевче Ангелковски и Стефан Поповски од Битола. До неодамна, и искусниот Реваз Чантурија беше активен во улога на играч-тренер.

Раваз Чантурија

Кога се зборува за транзицијата од врвни играчи во успешни стратези, неминовно е да се истакнат неколку клучни имиња кои оставија длабока трага во македонскиот ракомет:

Филип Лазаров – Долгогодишен репрезентативец на Македонија кој остави силен печат во домашниот ракомет, бранејќи ги боите на нашите најголеми ривали – Вардар и Металург, но и на битолски Пелистер. По успешната интернационална кариера, левиот бек се пресели во Германија каде што, по завршувањето на играчките денови, успешно заплови во тренерските води (како предводник на interaktiv.Handball Ратинген). Неговото искуство од Лигата на шампионите сега е драгоцен ресурс за германскиот ракомет.

Ацо Јоноски – Популарниот „министер за одбрана” и столб на македонската репрезентација. За домашната јавност, Јоноски е вистинска икона на битолски Пелистер, како важен дел од славната генерација која во 2002 година играше финале во европскиот Челинџ куп. Во својата кариера ги носеше и дресовите на Вардар и Металург, а потоа изгради респектабилна кариера во силната германска Бундеслига играјќи за Бергишер (Bergischer HC). Денес, својата препознатлива дисциплина и дефанзивна интелигенција ги пренесува како тренер на германско тло.

Игор Тоскоски – Уште едно добро познато име, миленик на битолската публика и соборец на Јоноски. Како дел од истата историска генерација на Пелистер која стигна до европското финале во Челинџ купот. Таа посветеност и континуирана работа во германскиот систем резултираа со одлични успеси во неговата тренерска кариера.

Игор Тоскоски

Филип Миркуловски – Невозможно е да се зборува за македонскиот ракомет во Германија без да се спомене популарниот Жути. Легендата на Металург и македонската репрезентација, изгради статус на вистинска икона во германскиот бундеслигаш Вецлар. Откако ја заврши својата извонредна играчка кариера токму таму, Миркуловски веднаш доби доверба да остане во клубот како асистент-тренер, а извршуваше и значајна функција во спортскиот менаџмент на клубот. Ова е огромно признание за неговиот авторитет и знаење во една од најсилните лиги на светот.

Шампионска сезона за младите македонските стратези

Оваа натпреварувачка сезона особено се истакнаа Игор Тоскоски и Стефан Поповски, кои успеаја да станат шампиони во своите региони. Овој голем успех претставува уште една силна потврда за квалитетот на македонската тренерска школа и нејзината конкурентност во физички и тактички захтевниот германски ракомет.

Во продолжение ја пренесуваме изјавата на Стефан Поповски по повод освојувањето на титулата:

„Во мојата втора сезона како тренер во сениорскиот ракомет успеавме да ја освоиме титулата во Регионалната лига во Долна Саксонија (Niedersachsen), Германија и да обезбедиме пласман во повисок ранг.

Горд сум на целиот тим, на трудот, дисциплината и атмосферата што ја создадовме оваа сезона. Голема благодарност до моето семејство, играчите, клубот и сите навивачи за поддршката низ целата година.

Исто така, голема благодарност до Центарот за лиценцирање при РФМ за разбирањето и поддршката на македонските тренери во странство”.

Отворен повик: Да ја дополниме листата на македонски амбасадори!

Овие имиња се само дел од нашите познати ракометни работници кои секојдневно оставаат срце на терените ширум Германија и ја претставуваат Македонија во најдобро светло. Сепак, свесни сме дека германскиот спортски систем е огромен и дека оваа листа на успешни тренери, координатори и спортски работници сигурно е многу подолга.

Затоа, ве покануваме сите вас – без разлика дали самите работите во германскиот ракомет или познавате наш човек кој ниже успеси во тамошните клубови – слободно контактирајте нè! Сакаме да ги слушнеме и да ги пренесеме вашите приказни, бидејќи секој успех на нашите луѓе во странство заслужува да биде слушнат, евидентиран и соодветно вреднуван дома. Нека се шири гласот за македонската ракометна школа!

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено