Нов тежок удар и вистински дебакл доживеа саудискиот гигант Ал-Наср. Во големото финале на АФЦ Лигата на шампионите 2 (азискиот еквивалент на Лига Европа), тимот предводен од Жорж Жезус доживеа шокантен пораз на домашен терен во Ријад од јапонскиот претставник Гамба Осака со минимални 0-1.
Ова претставува уште еден изгубен трофеј за тимот кој беше апсолутен фаворит, а главна тема во светските медиуми по натпреварот е потегот на првата ѕвезда, Кристијано Роналдо, кој во знак на револт и огромно разочарување комплетно ја прескокна свечената церемонија.
Cristiano Ronaldo looks devastated at full time after Al Nassr’s 1-0 defeat to Gamba Osaka in the AFC Champions League Two final 💔pic.twitter.com/lUz9jwjyBs
— CentreGoals. (@centregoals) May 16, 2026
Јапонски тинејџер и херојски дефанзивци го сопреа мега-тимот
Пред преполниот стадион „Кинг Сауд Универзитет“, Ал-Наср со сите свои ѕвезди (Роналдо, Мане, Жоао Феликс) тргна офанзивно и доминираше во поседот на топката уште од првата минута. Сепак, ладниот туш за домашните навивачи пристигна во 30-тата минута. Дениз Хумет прими едно одлично додавање од Исам Џебали, перфектно се сврте во шеснаесеттникот и со клинички прецизен удар ја смести топката во долниот десен агол за 0-1.
Она што следуваше до крајот на мечот беше вистинска опсада на јапонскиот гол, но и нестварна вечер на 18-годишниот јапонски голман Руи Араки. Младиот чувар на мрежата направи неколку спектакуларни одбрани, директно скротувајќи ги ударите на Садио Мане, Ињиго Мартинез и Жоао Феликс, чиј силен удар заврши и во стативата.
Во финишот на мечот, во 86-та минута, Кристијано Роналдо се најде во идеална позиција за израмнување, но неговиот удар со пожртвуван лизгачки старт во последен момент го блокираше дефанзивецот Гента Миура. Жезус се обиде да го спаси натпреварот со внесување на Кингсли Коман од клупата, но бедемот на Гамба Осака издржа за огромно славје.
Роналдо „исчезна“: Револт, фрустрација или чиста суета?
Откако судијата означи крај на натпреварот, разочарувањето кај Португалецот ескалираше. Додека фудбалерите и стручниот штаб на Ал-Наср излегоа на подиумот да ги примат сребрените медали за второто место, Кристијано Роналдо одби да се појави на церемонијата и веднаш се упати кон соблекувалната.
Овој потег експресно предизвика лавина од поделени реакции во спортската јавност. Поддржувачите го правдаат овој гест како одраз на неговиот нестварен победнички менталитет, тврдејќи дека Португалецот едноставно не признава и не слави ништо помалку од првото место.
Критичарите, пак, сметаат дека како капитен и апсолутен лидер на овој проект, Роналдо имал морална обврска да остане со своите соиграчи на теренот и да покаже почит кон противникот, со оглед на тоа што неговото однесување фрла темна дамка врз клубот.
За Ал-Наср нема време за очајување, бидејќи тимот мора експресно да се консолидира за финишот во домашното првенство каде притисокот од Ал-Хилал станува сè поголем, особено по најавите дека стратегот Жорж Жезус веќе соопштил дека си оди од клубот на крајот на сезоната во јуни.
Проклетството продолжува: 14 од 14 изгубени официјални титули!
Зад фрустрацијата на Португалецот се крие една сурова, неверојатна статистика која тежи на неговите плеќи откако се пресели на Блискиот Исток. Со синоќешниот неуспех, Кристијано Роналдо сега има изгубено 14 од вкупно 14 официјални титули за кои се борел со Ал-Наср во изминатите четири сезони.
Иако неговиот индивидуален учинок и понатаму е на високо ниво, клупските трофеи едноставно го одминуваат. Долгата црна низа на неосвоени официјални пехари за Роналдо во Саудиска Арабија сега изгледа вака:
- Саудиска Про лига: 2022/23, 2023/24, 2024/25
- Кралски Куп: 2022/23, 2023/24, 2024/25, 2025/26
- Суперкуп на Саудиска Арабија: 2022, 2023, 2024, 2025
- Азиска Лига на шампиони (елитно натпреварување): 2023/24, 2024/25
- АФЦ Лига на шампиони 2: 2025/26



