Вембањама со монструозен меч ја покори Оклахома во спектакл со две продолженија!

 

Објавено:

Виктор Вембањама ја одигра најдоминантната и најдолгата партија во својата досегашна НБА кариера, предводејќи го Сан Антонио Спарс зачудувачки до победа на гостински терен против актуелниот шампион Оклахома Сити Тандер со 122-115 по две продолженија во првиот меч од финалето на Западната конференција.

Францускиот 224-сантиметарски феномен го заврши натпреварот со нереални 41 поен, 24 скокови и 3 блокади во рекордни за него 49 минути поминати на паркетот. Ваква брутална мундијалска статистика во плејофот претходно имаат забележано само митските имиња како Вилт Чемберлејн, Хаким Олаџувон, Карим Абдул-Џабар и Чарлс Баркли. Со ова, Вембањама стана убедливо најмладиот кошаркар во историјата на НБА лигата на кој му успеал ваков епски потфат.

Мотив повеќе: Трофејот на Шеј во очите на Вембањама

Пред самиот почеток на натпреварот, на теренот се одржа свечена церемонија на која предводникот на Оклахома, Шеј Гилџус-Александер, го подигна својот втор последователен МВП трофеј. Француската ѕвезда со сериозен поглед ја следеше оваа сцена, што очигледно му послужи како дополнителен погон и мотив максимално да експлодира на паркетот.

„Сè уште имам многу да учам, но дефинитивно сакам тој трофеј да го освојам многупати во мојата кариера. Вечерва покажавме дека како тим сме подготвени да влеземе во било каква средина, на било кое место и против било кого. Нашиот труд мора да биде поголем од тој на сите останати. Бевме едноставно немилосрдни“, истакна Вембањама, кој по натпреварот беше толку исцрпен што вработените во клубот мораа во канцелариска столица со тркалца да го возат до соблекувалната за да му заштедат чекори.

ВАР драма, тројка за спас и брутално забивање над Холмгрен

Сан Антонио во овој дуел влезе како тотален аутсајдер, дополнително ослабен поради повредата на првиот плејмејкер Деарон Фокс, соочувајќи се со шампионот кој до синоќа немаше ниту еден пораз во овогодишниот плејоф. Спарси пропуштија двоцифрена предност во последната четвртина, но Вембањама се погрижи да нема предвремена капитулација.

Во самиот финиш од првото продолжение, при водство на Тандер, Французинот ладнокрвно погоди нестварна тројка од огромна далечина со која го израмни резултатот и го одведе мечот во втори дополнителни пет минути. Точка на нестварната ноќ беше ставена во второто продолжение при резултат 115-114 за Спарси, кога Вембањама буквално го прегази својот вечен ривал Чет Холмгрен, постигнувајќи брутално забивање со фаул за недостижни 118-114.

Со овој брејк на стартот, Сан Антонио Спарси најавија дека веќе не се тим кој само доаѓа и се развива, туку се подготвени веднаш да го нападнат НБА тронот. Вториот натпревар од оваа пеколна серија се игра веќе во среда, повторно во Оклахома Сити.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено