Односот меѓу Арне Слот и Мохамед Салах очигледно ја достигна точката на вриење, но холандскиот стратег одби да дозволи тензијата јавно да го преземе приматот пред решавачкиот натпревар на Ливерпул. В недела на „Енфилд“ против Брентфорд, на „црвените“ им е потребен само еден бод за математички да ја обезбедат Лигата на шампионите, но главна тема на прес-конференцијата на Слот беа острите критики кои египетскиот напаѓач ги упати преку социјалните мрежи.
Ова ќе биде последен натпревар за Салах пред домашната публика, откако веќе е најавено неговото заминување по девет години минати во клубот, но останува енигма дали воопшто ќе добие шанса за достојно простување.
“I will always love this club.” ❤️
— Liverpool FC (@LFC) May 22, 2026
Salah: Farewell to The King will be available on YouTube and All Red Video at 5pm today 👑 pic.twitter.com/nxWd5AHYbb
Дали „хеви металот“ на Клоп сè уште може да победува?
Отворениот конфликт ескалираше по поразот на Ливерпул од Астон Вила (4:2), кога Салах јавно го прозва тактичкиот идентитет на екипата, барајќи враќање на препознатливиот „хеви метал“ напаѓачки фудбал – терминологија која беше заштитен знак на ерата на Јирген Клоп. Ова не е првпат тензијата меѓу нив да излезе на површина; претходно сезонава Салах беше исфрлен од тимот за гостувањето кај Интер токму поради изјавата дека нивниот однос е целосно нарушен.
На прашањето дали се чувствува поткопан од коментарите на својот најдобар стрелец, Слот одговори со смирен, но остар гард:
„Прво, вие правите премногу претпоставки. Велите дека тој сака таков стил, а потоа сугерирате дека тоа не е мојот стил. Мислам дека Мо беше навистина среќен со стилот што го игравме минатата сезона, бидејќи тоа нè доведе до освојување на титулата. Но, фудбалот еволуира. Ние двајцата ги имаме истите интереси, го сакаме најдоброто за Ливерпул. Сега морам да најдам начин да ја еволуирам оваа екипа во текот на летото за повторно да бидеме успешни и да играме фудбал кој јас го сакам. А ако јас го сакам, ќе го сакаат и навивачите, бидејќи ниту мене не ми се допадна голем дел од она што го игравме оваа сезона“.
Слот, со доза на иронија, додаде дека се надева оти тој нов стил на игра „ќе му се допадне и на Мо, ако во тоа време се наоѓа некаде на друго место“. На прашањето за активноста на другите играчи на социјалните мрежи кои му дадоа поддршка на Салах, холандскиот менаџер кусо истакна дека не обрнува внимание на виртуелниот свет, туку единствено на залагањето на теренот, кое според него оваа недела било беспрекорно.
Тактичката реалност на Премиер лигата
Зад личниот конфликт се крие многу подлабока филозофска дебата за тоа како Ливерпул треба да игра во модерната фудбалска ера. Додека Салах романтичарски бара враќање на немилосрдниот пресинг на Клоп, Слот тврди дека денешната Премиер лига не дозволува таков луксуз без сериозни последици.
Холанѓанецот отворено го призна тактичкиот ќорсокак во кој Ливерпул се најде оваа сезона. Тој објасни дека имало премногу натпревари каде тимот доминирал во поседот на топката, но таа стерилна контрола не донела никаква конкретна опасност или посебни моменти.
Според него, ерата на лесни победи и доминантни резултати е завршена. Како пример го посочи Манчестер Сити, нагласувајќи дека пред само неколку години тие би го прегазиле Брентфорд со пет или шест гола разлика, додека денес мораат 60 минути да се мачат пред воопшто да создадат шанса, и на крајот да го скршат отпорот преку прекини. Токму прекините се болната точка на Ливерпул; Слот призна дека неговиот тим е инфериорен во висината и физичката моќ при корнери и слободни удари, што се покажа кобно во поразот од Астон Вила.
За крај, тренерот на Ливерпул остана воздржан околу статусот на Салах за неделниот натпревар. „Никогаш не коментирам за изборот на тимот, па би било изненадување ако го направам тоа сега“, изјави Слот, оставајќи го „Енфилд“ во неизвесност дали нивниот херој воопшто ќе истрча на тревникот за своето големо збогување. Добра вест за домашните фанови е враќањето на Алисон Бекер и Александер Исак во тренажниот процес, кои ќе бидат во комбинација за настап против Брентфорд.



