Долгото и мачно чекање заврши. По шест неуспешни обиди на Фајнал-фор турнирите и дури три изгубени големи финалиња, кошаркарите на Олимпијакос конечно се искачија на врвот на Европа! Во епска, пулсирачка битка во „Телеком Центарот“ во Атина, грчкиот гигант го совлада Реал Мадрид со 92:85 и ја освои својата четврта евролигашка круна во клупската историја, прва по далечната 2013 година.
Иако номинално се водеше како неутрален терен, илјадниците фанатични грчки навивачи ја претворија салата во вистински пекол, носејќи ги своите кошаркари до историски триумф во натпревар кој понуди дури 10 промени на водството и пет израмнувања.
Тактички рулет во финишот, намерни промашувања и брутално забивање на Џонс
Натпреварот беше во егал до самите секунди од финишот. Во клучните пресметки се влезе со комплетно израмнети 80:80 на семафорот, по што на сцена стапи дефанзивата на Пирејците. Најпрво Алек Питерс погоди тежок шут, а по тројката на разиграниот Хезоња, Тајрик Џонс изведе брутално забивање за предност од 82:80.
Во драматичната завршница од линијата за слободни фрлања, Реал Мадрид се обиде да направи невозможен камбек со луда тактика – намерно промашуваа за да фатат офанзивен скок. Тоа им успеа при резултат 88:85, кога Андрес Фелиз доби чиста позиција за три поени кои ќе донесоа продолжение, но неговиот шут заврши надвор од обрачот. Точка на мечот со мирна рака од линијата за слободни фрлања стави Питерс за конечни 92:85 и почеток на незапаметено лудило на трибините.
Еван Фурние чекори по патеката на легендарниот Спанулис!
Апсолутен херој на овој историски успех е францускиот ветеран Еван Фурние, кој по бруталните партии во полуфиналето и финалето, сосема заслужено ја понесе наградата за МВП на Фајнал-форот за 2026 година. Фурние го предводеше шампионскиот тим со 20 поени, 5 скока и 4 асистенции. Со ова, тој стана дури втор кошаркар на Олимпијакос во овој век кој успеал да стане МВП на завршниот турнир, по легендарниот Василис Спанулис (кој го стори тоа во 2012 и 2013 година).

Покрај него, нестварен придонес имаше и Алек Питерс со 16 поени и 7 скока, Саша Везенков уфрли 12, Томас Вокап додаде 10, а Никола Милутинов доминираше под кошевите со 8 поени и 8 скока.
Кај поразениот Реал Мадрид, најефикасен беше Треј Лајлс кој постигна 24 поени (дури 21 во првото полувреме), Марио Хезоња беше вистински мотор со 19 поени, 5 асистенции и 4 украдени топки, а Фелиз застана на 13 коша. Кралскиот клуб започна моќно со предност од 1:9, но против дефанзивниот бедем на Георгиос Барцокас вечерва едноставно немаше лек. Европа има нов кошаркарски владетел!



