По тригодишното владеење на битолски Еурофарм Пелистер, ракометниот престол во Македонија повторно е обоен во црвено-црно! Избраниците на Иван Чупиќ со победа над Бутел Скопје од 36-34 ја затворија перфектната сезона на домашна сцена и пред своите навивачи во СЦ „Јане Сандански“ ги примија златните медали и рекордната 17-та шампионска круна.
Ова не е само обична титула за македонскиот спортски бренд – со овој пехар, елитниот европски ракомет и Лигата на шампионите официјално се враќаат во главниот град!
Бутел покажа заби, но Вардар „притисна“ кога беше најпотребно
Иако натпреварот требаше да се одигра на теренот на Бутел, гостите спортски му излегоа во пресрет на новиот шампион, па мечот се одигра во Аеродром за да може Вардар да ја прослави титулата на домашен терен.
Натпреварот помина без силни одбрани и со многу голови, а Бутел покажа дека нема намера да биде само статист на шампионската забава. Гостите одиграа фантастично прво полувреме по кое заминаа на пауза со водство од 19-17, а во вториот дел стигнаа и до највисоки +4 (27-23).
Сепак, квалитетот и подолгата клупа на Вардар дојдоа до израз во последните 15 минути. Предводени од Малус и Харуки Кавада, Вардарци направија серија со која прво израмнија на 28-28, а потоа на шест минути до крајот ја презедоа контролата (34-31), мирно приведувајќи го мечот кон конечни 36-34.
Заминувања и крај на една ера за повеќе ракометари
Овој натпревар имаше и емотивна нота, бидејќи за голем дел од играчите ова беше последен танц во црвено-црниот дрес.
За Вардар последен пат настапија: Мигуел Пинто, Харуки Кавада, Марек Марчинијак, Марио Танкоски и Николас Боно. Претходно од клубот веќе заминаа и Кристијан Стаменковиќ, Мигуел Еспиња и Дмитро Горига (кој се пресели во Саудиска Арабија).
Промени има и во таборот на Бутел. Ова беше проштален натпревар за нивниот досегашен тренер Горан Кузманоски, а од следната сезона кормилото на тимот ќе го преземе вардаровата легенда – Стојанче Стоилов.
Статистика од шампионскиот финиш:
- Вардар 1961: Урош Митровиќ (6 гола), Харуки Кавада (6 гола), Милан Лазаревски (5 гола). На голот Милош Валах забележа 11 одбрани, додека Васил Гогов додаде 7 интервенции.
- Бутел Скопје: Најпрецизни беа Тодор Узунчев и Дејан Михајловиќ со по 8 постигнати погодоци.
- Сезоната на Вардар во бројки: Вкупно 30 победи, освоени 60 бодови и неверојатни 1.057 постигнати голови.



