Радувај се Македонијо: Охрид е нов европски шампион!

 

Објавено:

Охрид го дочека својот историски спортски момент, откако ракометарите на ГРК Охрид за првпат во својата клупска историја се закитија со шампионската титула во ЕХФ Европскиот куп. Во реванш-дуелот од големото финале, одигран во преполната и до последното место вжештена спортска сала „Билјанини Извори“, македонскиот претставник славеше сигурна победа над унгарскиот тим МОЛ Татабања со 31-25 (12-11).

Со овој триумф, избраниците на Борис Ројевиќ целосно ја капитализираа предноста од еден гол (29-28) стекната на првиот натпревар во Унгарија минатата недела.

Драма, црвени картони и неверојатна борба на паркетот

Натпреварот започна со фуриозна поддршка од домашните навивачи, која Охрид брзо ја преточи во почетно водство од 7-4 по 14 минути игра, принудувајќи ги гостите на дури осум технички грешки во раната фаза. Првиот дел помина во знак на неверојатна голманска битка, каде Кристијан Пилиповиќ блесна со 10 одбрани (47.6%) за Охрид, додека Ариан Андо на спротивната страна собра 11 интервенции (47.83%) за Унгарците.

Во 20-та минута домаќините претрпеа тежок удар кога Анте Иванковиќ заработи директен црвен картон поради удар во лицето на противнички играч. Унгарскиот тим го искористи тоа и со серија од 5-1 накратко го презеде водството (10-11) со помош на головите на Краковски и македонскиот ракометар Филип Талески. Сепак, со головите на Јагуриновски и Ојлески, Охрид брзо го врати водството и замина на одмор со минимални 12-11.

Самурајот Јасухира ја разнесе Татабања во второто полувреме

„Гладијаторите“ фуриозно го отворија второто полувреме. Јапонскиот интернационалец Косуке Јасухира беше незапирлив за противничката одбрана и по само три минути игра во продолжението Охрид се одлепи на 17-12. Налетите на сино-белите продолжија преку Савревски и Тилен Стрмљан, кој испрати вистински проектил за водство од 20-15.

Иако Татабања во еден момент успеа да намали на 22-20, агресивната одбрана на Унгарците резултираше со трето исклучување и црвен картон за Филип Талески во 48-мата минута. Јасухира со нови голови во свој стил ја врати предноста од четири разлика, која до крајот на мечот само се зголеми за конечни 31-25. Јасухира го заврши натпреварот како најдобар стрелец со девет голови, Стрмљан постигна шест, додека кај гостите Бенсе Краковски беше стрелец на четири, а Талески запиша еден погодок.

Историски успех: Втора година по ред пехарот останува во Македонија

Ова е историски прв европски трофеј за ГРК Охрид, клуб кој беше реоснован во 2011 година и до оваа сезона имаше одиграно само три меча во Европа. Клучот за овој голем триумф беше нивниот перфектен биланс на домашен терен, каде охриѓани забележаа седум победи од седум натпревари.

Со овој успех, Охрид стана четвртиот македонски клуб кој освоил европска титула во историјата, по женската екипа на Кометал Ѓорче Петров, како и Вардар и Алкалоид. Пехарот од ЕХФ Купот втора година по ред останува во нашата држава (откако лани го освои Алкалоид), што е прв ваков случај на одбрана на круната од иста земја во историјата на ова натпреварување од 2020 година. Македонија сега се наоѓа на четвртото место на вечната листа на нации со најмногу титули, израмнета со Данска, Шведска, Србија, Грција и Норвешка, а зад Романија (7), Германија (6) и Португалија (3).

Изјави од таборот на победниците:

Архитектот на овој проект, српскиот стратег Борис Ројевиќ, за кого ова е втор европски трофеј во кариерата по оној со Војводина во 2023 година, ја спореди атмосферата во салата со онаа во Јужна Америка:

„Благодарам на овие навивачи, ваква атмосфера не сум доживеал досега, ова беше бразилска атмосфера, траеше откако влеговме на терен па сè до крај. Тешко беше, изгубивме играчи, добивме и црвен картон, игравме со два средни бека 45 минути, но нашето срце и навивачите ни го донесоа првиот европски трофеј. Работеа напорно, се помолив за сите, од Бог побарав да ни го даде она што го заслуживме и ете го, дојде кај нас“.

Херојот меѓу стативите, Кристијан Пилиповиќ, кој го одигра својот последен натпревар пред трансферот во швајцарски Луцерн, не можеше да ги сопре солзите на простувањето:

„Не можам да опишам, ова е најлудиот меч кој јас сум го играл. Пред меч се простив и не можев да се радувам затоа што знаев дека е крај на една приказна. Ова беше сонот кој го сонував седум месеци и нереално е, на најубав можен начин се простувам од клубот“.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено