Светското првенство во 2026 година е пред самата врата, а со објавувањето на официјалните состави на репрезентациите, фудбалските фанатици веднаш почнаа да ја анализираат статистиката зад најголемиот спортски настан на планетата. Корисникот kdavva74 на социјалната мрежа Редит објави исклучително интересна и детална инфографика која открива кои клубови и лиги испраќаат најмногу фудбалери на претстојниот Мундијал, а податоците содржат неколку вистински изненадувања.
„Граѓаните“ и Баерн на врвот, Кристал Палас е апсолутен хит
Кога станува збор за поединечни клубови, актуелниот англиски шампион Манчестер Сити е на самиот врв со дури 19 фудбалери кои ќе ги претставуваат своите национални бои во Северна Америка. Веднаш зад нив е германскиот гигант Баерн Минхен со 18 играчи, додека Арсенал и ПСЖ имаат по 16 претставници. На петтото место е Барселона со 15 играчи.
Сепак, најголемото изненадување на листата е лондонскиот Кристал Палас. Овој клуб ќе има дури 12 фудбалери на Светското првенство, со што се најде пред гиганти како Ливерпул (11 играчи) и актуелниот шпански великан Реал Мадрид, кој во своите редови има „само“ 10 мундијалци.
Премиер лигата е посебна планета, трагедијата на Италија е видлива во бројки
Доминацијата на англискиот фудбал најдобро се гледа преку лигите. Премиер лигата е апсолутен лидер со неверојатни 163 фудбалери кои со гордост ќе играат на СП. Зад неа се наоѓаат германската Бундеслига со 101 и шпанската Ла Лига со 81 претставник.
Но, најбизарниот и воедно најтажниот податок на оваа табела е резервиран за италијанската Серија А. Иако италијанското првенство го зазема високото петто место со 62 фудбалери, нивниот процент на таканаречени домашно одгледани играчи (Homegrown %) изнесува точно 0%. Причината е добро позната на сите и болна за Апенините, репрезентацијата на Италија повторно не успеа да се квалификува на завршницата на Светското првенство, па така ниту еден италијански фудбалер од домашното првенство нема да ги брани боите на својата земја.
Од друга страна, Барселона може да се пофали со највисок процент на домашни играчи меѓу европската елита (52%), што е уште еден силен доказ за квалитетот и важноста на нивната академија „Ла Масија“.




