Расплетот на една од најтурбулентните и најмачните сезони во поновата историја на Кралскиот клуб го носи најголемото можно изненадување на тренерската клупа. Како што пренесува The Athletic, Жозе Мурињо потпишал договор за негово големо враќање на „Сантијаго Бернабеу“, но конечниот исход ќе се чека после изборите во клубот. На 63-годишниот португалски стратег му претстои исклучително тешка задача – да го крене од пепелта тимот кој заврши без ниту еден голем трофеј втора година по ред, што за последен пат му се случи на Мадрид во периодот до 2010 година, кога претседателот Флорентино Перез првпат го ангажираше токму „Специјалниот“ за да направи пресврт.
Иако навивачите се свесни дека на тимот му е потребна тотална реконструкција, дел од нив со голем скептицизам гледаат на враќањето на Мурињо, сеќавајќи се на жестоките падови, токсичната атмосфера и огорченоста со која заврши неговиот прв тригодишен мандат во 2013 година.

Вонредна состојба во соблекувалната: Физички пресметки и лов на „кртови“
Првиот и најитен предизвик за Мурињо ќе биде воспоставување на ред и јасна хиерархија во соблекувалната каде презема тотален хаос. Овој месец тензиите го достигнаа врвот со физичка пресметка и тепачка меѓу Орелиен Чуамени и Федерико Валверде во тренинг-кампот на клубот. Токму нарушените односи и недостигот на авторитет беа причина за отказот на Чаби Алонсо во јануари. Неговиот пад започна по „Ел Класико“, кога Винисиус Жуниор направи невиден скандал на клупата револтиран што Алонсо го заменил. Ниту неговата привремена замена Алваро Арбелоа не помина подобро, што јавно го потврди и Килијан Мбапе со изјавата дека во клубот бил етикетиран како „четврти избор“ во нападот.
Дополнителен проблем е што Реал Мадрид го губи својот капитен Дани Карвахал, чиј договор истекува, што значи дека клубот шестта година по ред останува без својот официјален лидер (по заминувањата на Рамос во 2021, Марсело во 2022, Бензема во 2023, Начо и Крос во 2024, како и Модриќ во 2025 година). Мурињо, кој во своето минато во Мадрид војуваше со иконите како Икер Касиљас, Серхио Рамос и Кристијано Роналдо, сега ќе мора експресно да воспостави контрола и врз постојаното протекување на информации во медиумите – приказна која силно потсетува на неговиот некогашен фанатичен лов на „кртот“ од соблекувалната.
Тактичката загатка: Како да функционираат Винисиус и Мбапе заедно?
Најголемиот фудбалски проблем со кој претходните тренери не успеаја да се справат е неможноста да ги спојат двете најголеми ѕвезди во нападот. Во првиот дел од сезоната Алонсо го извлече најдоброто од Мбапе, но целосно го „загуби“ Винисиус. Во јануари, Арбелоа успеа да го оживее Бразилецот (кој во април дури и им се извинуваше на навивачите со кренати раце по еден гол против Алавес поради лошите партии), но тогаш формата на Мбапе драстично падна. Проблемот е чисто тактички – двајцата фудбалери претпочитаат да напаѓаат од иста позиција на левото крило.
Флорентино Перез јавно изјави дека Мбапе е најдоброто нешто што Реал го има во моментов, но призна дека „нешто мора да се подобри“, додека за Винисиус (чии преговори за нов договор се закочени) порача дека нема брзање бидејќи имаат цела година за разговори. Иако Мурињо имаше контроверзна епизода во февруари со коментарите по расистичкиот скандал меѓу Винисиус и играчот на Бенфика, Џанлука Престијани (кој на крајот доби 6 меча суспензија од УЕФА за хомофобично, а не расистичко однесување), извори блиски до Бразилецот потврдуваат дека доаѓањето на Португалецот нема да биде проблем за него.

Дефанзивна апатија и избори на „жешкиот“ Бернабеу
Третиот голем проблем на Реал е дефанзивниот интензитет. Трите претходни тренери (Анчелоти, Алонсо и Арбелоа) не успеаја да наметнат дефанзивна конзистентност во Ла Лига, што доведе до внатрешни обвинувања меѓу играчите дека некои од нив не трчаат доволно за тимот. Овој прескап состав, преполн со офанзивен талент, редовно паѓаше кога одбраната се поставуваше високо на теренот. Враќањето на препознатливиот „низок блок“ на Мурињо може да биде најлесното тактичко решение за стабилизација.
Оваа стабилизација е неопходна за да се врати мирот на трибините, каде навивачите сè почесто со свирежи и револт ги испраќаат играчите, но и самиот Перез. На 14 мај, за време на победата против Реал Овиедо од 2-0, клупското обезбедување насилно отстрани два транспаренти кои беа директен протест против претседателот. Со оглед на тоа што на 7 јуни во клубот претстојат претседателски избори на кои Енрике Рикелме излегува како противкандидат, Перез се надева дека авторитетот и цврстата рака на Мурињо ќе му го сочуваат претседателското место.
За разлика од неговите претходници кои молчеа и ги прифаќаа одлуките на управата и покрај очигледниот недостиг на дефанзивна длабочина и креација по заминувањето на Крос и Модриќ, Мурињо никогаш не бил тренер кој молчи за да ја сочува својата позиција, па летово на „Бернабеу“ неминовно нè очекува вистинско трансфер-шоу.



