Колку и да звучи чудно сега во 2025 година да се спомнува можноста за Нејмар да се врати назад во Барселона, сепак муабетите зад кулисите наговестуваат таков трансфер.
Сигурно се прашувате дали е можно да се случи такво нешто после сè и дали има шанси за фудбалерот кој само што наполни 33 години и одигра само 13 натпревари во последните две сезони?

Не ве обвинуваме доколку се чудите на ваквата вест, но ова е светот на фудбалските трансфери, а кога е Барселона во игра – сè е можно!
Да ги разгледаме фактите кои може да доведат до остварување на оваа идеја, која навидум изгледа како несоодветна во ерата на Ханси Флик на кормилото на каталонскиот тим.
Во моментов Нејмар игра за својот клуб од детството, Сантош, каде потпиша договор на само шест месеци, откако се договори порано да го напушти арапскиот клуб Ал Хилал, каде отиде да игра во 2023 година.
Нејмар не се снајде премногу во Саудиска Арабија, каде постигна само еден гол во седум натпревари кои ги одигра, но на неговиот престој таму и претходеше повредата на лигаментите со која се здоби додека играше со Бразил, само неколку месеци пред трансферот.
Не е тајна дека Нејмар пробуваше во неколку наврати да се врати во Барселона, а уште откако си отиде од клубот за да заигра за ПСЖ, тој јасно ставаше до знаење дека најубавите моменти од кариерата ги доживеал таму. Во 2019 година, претседателот на клубот, Жозеп Марија Бартомеу, проба неуспешно да го врати, а пред заминувањето во Ал Хилал Нејмар повторно проба најпрво да ги провери шансите за камбекот во Барселона, но Каталонците во тој момент се соочуваа со финансиски проблеми, па не ни можеа да сонуваат да ги платат трошоците кон ПСЖ.

Сега, неговиот краток договор со Сантош можеби претставува шанса за фудбалерот да се врати назад во форма, а после сите повреди Нејмар одлично ја стартуваше својата улога во тимот.
Дали е добра идеја воопшто Нејмар да се донесе во моменталниот тим кој е полн со млади таленти желни за успех и дали може да се надминат проблемите со ограничувањата на платите на фудбалерите, е прашањето кое сега ги мачи челниците на клубот. Но, каде се отвора можноста за Нејмар?
За да се разбере ова, треба да се погледне неговиот агент Пини Захави, кој е клучна фигура во целата приказна. Захави е близок пријател со претседателот на Барса, Лапорта, со кого го договори доаѓањето на неговите најголеми клиенти, Роберт Левандовски и Ханси Флик во клубот. Оваа врска беше клучна тогаш, но сигурно ќе биде и во иднина.
Друг аспект е враќањето на Барселона на обновениот Камп Ноу. Со носењето на Нејмар назад во клубот, тимот би можел да го зголеми интересот кај публиката и да ги продаде 60.000 места кои ќе бидат достапни за фановите на новиот стадион.
Нејмар би имал поддршка и од соблекувалната. Не е тајна дека тој е во одлични односи со моменталниот капитен и моментално најдобар голгетер, Рафиња, со кого се блиски од натпреварите во националниот дрес. Тука е и Јамал, кој порасна идолизирајќи го Нејмар и неговата игра.
Нејмар е подготвен дури и на бесплатен трансфер по завршувањето на неговиот договор ова лето, само за да се врати во клубот кој го сака најмногу и неговиот повторен влез на големата фудбалска сцена.
Од фудбалска перспектива тешко е да се види логиката во ваквиот можен трансфер. Фактите како неговите години, бројните повреди и лошата форма во последните години не одат во прилог на Нејмар. Токму ова се причините и поради кои искусниот Левандовски, кој има 36 години, беше изоставен од стартниот тим во неколку наврати сезонава.
Сепак, крајниот збор тука ќе го имаат неколку фактори, како можноста да се купи поскап играч, ограниченоста да се донесе слободен играч во летниот трансфер и секако – зборот на Флик, кој успеа да го врати сјајот на Барселона на големата сцена. Иако тој и Нејмар имаат ист агент, сепак неговиот збор сигурно би имал тежина во одлуката, а одлуката можеби би имала малку пологична позадина од самото пријателство. Но, светот на фудбалските трансфери не е нешто што може во целост да се предвиди, а кога станува збор за Барселона, сè е во игра!