Официјално: „Специјалниот“ се врати дома – Жозе Мурињо е нов тренер на Реал Мадрид!

 

Објавено:

Додека целиот свет е фокусиран на свеченото отворање на Светското првенство во фудбал, претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, реши комплетно да го украде медиумското внимание со вистинска трансфер-бомба. Шпанскиот гигант вечерва преку официјално соопштение потврди дека Жозе Мурињо се враќа на клупата на првиот тим како нов шеф на стручниот штаб. Португалскиот стратег потпиша договор на три сезони, кој ќе биде со важност до 30 јуни 2029 година.

Мурињо се враќа во Мадрид по точно 13 години од неговиот прв мандат (2010-2013), кога успеа да ја прекине доминацијата на Пеп Гвардиола и да ја освои историската титула во Ла Лига со тогаш рекорден број бодови. Како што соопштија од клубот, тој официјално ќе ја преземе функцијата на 13 јули, денот кога започнуваат летните подготовки на мадридскиот тим.

Операција од 15 милиони евра и изборен тактички трик

Процесот околу ангажманот на Мурињо траеше со недели, а неговиот поранешен клуб Бенфика претходно мораше да ја извести португалската комисија за пазар на хартии од вредност дека Реал Мадрид решил целосно да ја плати неговата откупна клаузула. Интересно е што Мадрид можеше да го ангажира Мурињо за само 6 милиони евра доколку ја активираше претходната клаузула која важеше до 29 мај, но тоа не се случи поради претседателските избори во клубот. Поради тоа, Перез мораше да го одврзе ќесето и да плати дури 15 милиони евра за да го осигура потписот на 63-годишниот менаџер.

Враќањето на Португалецот беше клучен адут за Флорентино Перез, кој во неделата одново беше реизбран за претседател на Реал Мадрид. За време на жестоката кампања, токму кога противкандидатот Енрике Рикелме имаше големо телевизиско гостување, Перез во јавноста пушти специјална видео-порака за поддршка снимена лично од Мурињо, со што комплетно ја придоби довербата на социосите.

Крај на хаосот и ремонт по желба на „Специјалниот“

Оваа одлука доаѓа по уште една катастрофална и турбулентна сезона за Реал Мадрид. По отпуштањето на Чаби Алонсо во јануари, екипата привремено ја водеше Алваро Арбелоа, но тимот втора година по ред остана без ниту еден голем трофеј. Навивачите веќе подолго време упатуваат жестоки критики дека на сегашниот состав му недостига цврста рака, авторитет и јасен победнички идентитет, па Мурињо се смета за идеален лек за воведување ред во соблекувалната.

Новиот предводник веќе доставил прецизна листа на засилувања до менаџментот на клубот. Мурињо побарал десен бек, лев бек кој ќе му биде директна конкуренција на Алваро Карерас, еден доминантен дефанзивец и креативен играч за врска на средината од теренот. Спортскиот сектор веќе започнал преговори за ангажман на Ибрахима Конате од Ливерпул и холандскиот десен бек Дензел Демфрис.

Во однос на стручниот штаб, Мурињо со себе ги носи своите лојални асистенти од Лисабон (Жоао Траљао, Педро Мачадо, Роберто Мерела, Антонио Диас и Нуно Сантос), но покажал целосна подготвеност да ги задржи култниот кондиционен тренер Антонио Пинтус и тренерот на голманите Луис Љопис, кои се исклучително ценети од управата на клубот. Мурињо во Бенфика ќе биде заменет од поранешниот менаџер на Фулам, Марко Силва.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено