Додека комплетното внимание на фудбалскиот свет е насочено кон првите натпревари на Светското првенство, на релација Нотингем – Манчестер се одвива вистинска трансфер-драма. Трката по потписот на 23-годишниот англиски репрезентативец Елиот Андерсон дополнително се вжешти откако Нотингем Форест ја одби и втората, мега-понуда испратена од Манчестер Сити вредна неверојатни 120 милиони фунти.
Јунајтед се повлече, Андерсон сака само на „Етихад“
Манчестер Сити уште на почетокот на овој месец доби корпа за својата прва понуда, но преговорите не запреа бидејќи желбата на самиот фудбалер е клучна во оваа операција. Младиот играч за врска веќе јасно ставил до знаење дека негов апсолутен приоритет е преселба во синиот дел на Манчестер, поради што личните услови воопшто не претставуваат пречка за реализација на договорот.
За неговите услуги сериозен интерес покажуваше и градскиот ривал Манчестер Јунајтед, но „црвените ѓаволи“ решија комплетно да се повлечат од трката. Раководството од „Олд Трафорд“ донело одлука дека нема намера да влегува во деструктивна војна со понуди, потенцирајќи ја својата нова клупска политика дека ќе ангажираат изрично фудбалери кои покажуваат примарна и недвосмислена желба да го облечат нивниот дрес.
Сензационална сезона и замена за Бернардо Силва
Елиот Андерсон е дете на Њукасл, од каде во 2024 година пристигна на „Сити Граунд“ за сума од 35 милиони фунти. Во изминативе две сезони тој забележа 92 настапи и постигна 6 голови, израснувајќи во еден од најдоминантните млади играчи за врска во Премиер лигата. Андерсон беше клучниот мотор на Форест во минатата сезона, предводејќи го тимот до историското полуфинале во Лигата на Европа и обезбедувајќи опстанок во елитата во екстремно турбулентна година во која клубот смени дури четири менаџери.
Итноста на Манчестер Сити да го осигура неговиот потпис доаѓа по заминувањето на Бернардо Силва, кој по истекот на договорот реши да ја напушти Англија, оставајќи огромна празнина во креативниот дел од средниот ред. Андерсон е позициониран на самиот врв на листата на желби на Гвардиола, а како долгорочна алтернатива во клубот сè уште се анализира и италијанскиот репрезентативец Сандро Тонали од Њукасл.
Младиот фудбалер во моментов се наоѓа во Северна Америка каде со репрезентацијата на Англија се подготвува за настап на Мундијалот. Тој беше стартер во вчерашната генерална проба и победата против Костарика со 3-0, а преговорите меѓу двата клуба ќе продолжат на релација Англија – САД во деновите пред првиот дуел на Гордиот Албион против Хрватска, закажан за 17 јуни.



