§ Од 50 илјади до 6.8 милиони следбеници преку ноќ: Филмската приказна на Возиња од Зелено’ртските Острови

 

Објавено:

Светското првенство штотуку ни ја подари најубавата, најемотивната и најлудата спортска приказна која дефинитивно долго ќе се прераскажува. Дали некој воопшто веруваше дека апсолутниот дебитант на турнирот, малата африканска островска нација Зелено ‘Ртски Острови (со едвај 500.000 жители), ќе успее да остане непоразена против застрашувачки моќниот европски шампион Шпанија?

Чудото во Атланта сепак се случи! Натпреварот заврши со магични 0-0, а главен виновник за тоталната фрустрација на „Црвената фурија“ е еден неверојатен човек – Жозимар Дијас, во фудбалскиот свет познат како Возиња.

Овој 40-годишен ветеран, кој моментално брани за португалскиот второлигаш Шавес, ја испорача партијата на својот живот. Со дури седум фантастични интервенции тој го излуде шпанскиот напад и постави историски рекорд: на 40 години и 12 дена стана најстариот фудбалер кој некогаш настапил во дебитантски натпревар за својата нација на Светските првенства (единствено Есам Ел Хадари од Египет имал постар дебитантски настап генерално).

Солзи кои кршат срца: „Немавме пари за виза…“

По последниот свиреж на судијата, додека илјадниците навивачи на трибините хистерично славеа, Возиња колабираше во емоции. Камерите го уловија како плаче како мало дете, а подоцна, кога ја примаше наградата за играч на натпреварот, откри и зошто овој момент бил толку болен и убав истовремено.

„Овие солзи се за моите баба и дедо. Пораснав со нив, ми беа сè на светот, но за жал починаа пред неколку години и не доживеаја да ме видат тука“, изјави емотивниот Возиња. „Плачам и за мајка ми. Таа не е тука на трибините бидејќи едноставно немавме доволно пари навреме да ја платиме американската виза. Толку многу сакав таа да биде тука и да го види ова“.

Професионалец на 25 години и забранетото име „Валдано“

Животниот пат на овој голман е дефиниција за фанатична упорност. За разлика од модерните ѕвезди, тој станал професионален фудбалер дури на 25-годишна возраст во 2012 година.

Како момче во родниот град Миндело, често бил игнориран од тренерите бидејќи сметале дека е премногу низок за голман. Сакал да се откаже илјада пати, но неговиот мундијалски сон го однел во Португалија, по што морал да преживува играјќи низ фудбалските маргини во Словачка, Молдавија, Ангола и Кипар.

Интересна е и приказната за неговото име. Неговиот татко првично сакал да го крсти Валдано (во чест на аргентинската легенда Хорхе Валдано), но властите во неговата земја го одбиле тоа барање. Наместо тоа, го добил името Жозимар, инспирирано од бразилскиот дефанзивец кој блескаше на Мундијалот во 1986 година.

Инстаграм лудница: 6.8 милиони следбеници преку ноќ!

Дека фудбалот пишува најубави романи докажува и она што му се случи на Возиња надвор од теренот. Пред почетокот на натпреварот, тој имаше скромни 50.000 следбеници на својот Инстаграм профил.

Но, по неговиот брутален мастерклас против Шпанија, познатиот бразилски YouTube канал CazeTV (кој ги има правата за пренос во Бразил) упати апел до сите свои гледачи да го поддржат овој херој. Резултатот? Профилот на Возиња експлодираше и за помалку од 24 часа стигна до нереални 6.8 МИЛИОНИ следбеници, бројка која вртоглаво расте!

„Сите мислеа дека сме дојдени тука како туристи, само за да уживаме во Мундијалот. Но ние сме семејство, дојдовме жестоко да се бориме за нашата земја!“, порача новиот миленик на фудбалскиот свет.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено