Мундијалскиот бран продолжува со максимална пареа, а седмиот натпреварувачки ден ни носи нова застрашувачки возбудлива фудбалска програма. Денеска фокусот е комплетно насочен кон Групите К и Л, каде на сцена стапуваат европски гиганти, амбициозни дебитанти и нашите балкански (скоро) соседи. Преку нашата платформа секојдневно ви носиме детална најава, длабока аналитика за екипите и нашите очекувања за исходот на терените.
Португалија – ДР Конго (Група К)
- Почеток: 19:00 часот
- Стадион: Стадион во Хјустон („NRG Stadium“)
Наше очекување: Репрезентацијата на Португалија, која минатото лето го освои пехарот во Лигата на нации, пристигнува во Америка со застрашувачки длабок и квалитетен состав. Селекторот Роберто Мартинез на располагање има врвен среден ред составен од дуото на ПСЖ (Витиња и Жоао Невеш), креаторот Бруно Фернандеш и новиот играч на Реал Мадрид, Бернардо Силва. Сепак, сите очи повторно ќе бидат вперени во Кристијано Роналдо, за кого дебатата дали е помош или товар за тимот сè уште трае.
Од друга страна, ДР Конго предводен од Себастиен Десабр е тим изграден на строга структура и тактичка дисциплина. Одбраната им е засилена со премиерлигашкото искуство на Арон Ван-Бисака, додека во нападот надежите паѓаат на Седрик Бакамбу и Јоан Виса. Конгоанците се надеваат дека ќе ги искористат своите шанси, но Португалија едноставно има премногу оружја во својот арсенал. Очекуваме сигурна победа за Португалците.
Levanta-se o “pano”: eis o nosso 𝗻𝗼𝘃𝗼 𝗱𝗿𝗲𝘀𝘀 𝗰𝗼𝗱𝗲. ❤️🔥🌊🇵🇹
— Portugal (@selecaoportugal) March 24, 2026
🔗 𝗝𝗮́ 𝗱𝗶𝘀𝗽𝗼𝗻𝗶́𝘃𝗲𝗹 👉 https://t.co/ikBvVapq65#VaiDarPortugal | @pumafootball pic.twitter.com/nxlW5utAvS
Англија – Хрватска (Група Л)
- Почеток: 22:00 часот
- Стадион: Стадион во Далас („AT&T Stadium“)
Наше очекување: Апсолутното дерби на денот! Англија имаше беспрекорни квалификации без примен гол, но нивната форма во последните месеци е далеку од убедлива. Селекторот Томас Тухел се надева дека Хари Кејн (кој зад себе има брутална сезона со 61 гол за Баерн) во соработка со Сака и Белингем ќе ги реши проблемите.
Но, од другата страна стои репрезентација за која терминот „отпишани“ едноставно не постои. Иако Англичаните на хартија ја носат фаворитската улога, најголемиот дел од македонската јавност добро знае од каков ков се направени „Коцкастите“. Предводени од неуморниот 40-годишен Лука Модриќ, заедно со ветераните Перишиќ, Крамариќ и Ковачиќ, Хрватска знае како да игра вакви турнири (финале во 2018, полуфинале во 2022). Кога на тоа ќе се додаде и дефанзивниот бедем предводен од Гвардиол и младиот Вушковиќ, веруваме дека балканскиот инает и искуството ќе пресудат. Можеби малку и пристрасно, очекуваме Хрватска тактички да ја надмудри Англија и да стигне до голема победа или најмалку реми.
Гана – Панама (Група Л)
- Почеток: 01:00 часот по полноќ
- Стадион: Стадион во Торонто („BMO Field“)
Наше очекување: Ова ќе биде исклучително цврст и тактички натпревар во кој и двете селекции ќе приоритетизираат да не примат гол. Гана неодамна направи тренерска смена и го доведе легендарниот Карлос Кеироз (кој го води својот четврти последователен Мундијал). Кеироз гради тимови со цврста дефанзивна основа, но останува прашањето колку време имал да ги имплементира своите идеи.
Панама, од друга страна, пристигнува многу позрела од нивното последно мундијалско деби во 2018 година. Нивниот стил е прагматичен и физички силен, со фокус на брзи транзиции. Со оглед на тоа што во групата се Англија и Хрватска, овој меч е клучен за двете екипи, па стравот од пораз би можел да доминира. Очекуваме тврд натпревар кој најверојатно ќе заврши без победник.
Узбекистан – Колумбија (Група К)
- Почеток: 04:00 часот наутро
- Стадион: Стадион „Астека“ во Мексико Сити („Estadio Azteca“)
Наше очекување: Узбекистан го живее својот фудбалски сон бележејќи го своето историско мундијалско деби. За да бидат работите уште поинтересни, нивен селектор е светскиот шампион со Италија од 2006 година – Фабио Канаваро. Тој ќе се потпре на стоперот на Манчестер Сити, Абдукодир Кусанов, како лидер на одбраната која веројатно ќе се постави во длабок блок, додека во нападот се надеваат на блесок од Елдор Шомуродов.
Колумбија, која минатата година играше финале на Копа Америка, се враќа на светската сцена по паузата од четири години. Ова ќе биде емотивен турнир за Џејмс Родригез кој го игра својот последен Мундијал, а најголемата опасност ќе доаѓа од Луис Дијаз кој се наоѓа во животна форма. Узбекистан сигурно ќе постави „автобус“ пред својот гол, но Колумбијците имаат доволно талент и креативност за да ја пробијат таа бариера. Очекуваме победа за Колумбија.




