Историјата на мундијалскиот пехар: Светиот грал со рок што истекува во 2030 година!

 

Објавено:

Што претставуваат 6 килограми и 142 грама во реалниот живот? За некого тоа е обична тежина, но во фудбалскиот свет, тоа е точната тежина на апсолутната бесмртност.

Изработен од чисто 18-каратно злато и висок 36 сантиметри, трофејот наменет за освојувачот на Светското првенство е веројатно најпрепознатливиот предмет на планетата. Но, зад неговиот блескав изглед се крие фасцинантна историја, брутално строги правила и еден малку познат факт кој наскоро би можел да ѝ зададе сериозна главоболка на ФИФА.

Како Бразил ја принуди ФИФА на нов дизајн

Приказната за актуелниот пехар всушност започнува со крајот на еден друг. Во 1970 година, легендарната генерација на Бразил по третпат го освои светот. Според тогашните романтични правила поставени од поранешниот претседател на ФИФА, Жил Риме, секоја нација која ќе освои три светски титули добива право трајно да го задржи трофејот во своите витрини. Бразилците си го земаа пехарот дома, а светскиот фудбал одеднаш остана без својот симбол.

Извор: https://www.theguardian.com

ФИФА веднаш распиша глобален конкурс, а победата ја однесе италијанскиот скулптор Силвио Гацанига. Неговата визија беше генијално едноставна, а сепак моќна. Тој не сакаше класичен пехар; тој сакаше да го долови самиот дух на фудбалот.

Ако го погледнете внимателно, ќе забележите две машки фигури кои излегуваат од основата и го држат глобусот. Тие ги претставуваат двата тима на теренот, а нивните раце испружени кон небото го симболизираат оној краток, експлозивен момент на радост по победата. Гацанига си поиграл и со текстурите – континентите на глобусот се исполирани и блескаат како одраз на славата, додека телата на играчите се матирани, симболизирајќи ја потта, маката и напорната работа потребна за да се стигне до врвот.

Проблемот наречен „2030 година“

Иако неговата изработка во тоа време чинела скромни 9.000 долари (денес околу 130.000 долари), неговата вистинска вредност е непроценлива. Во самата основа на пехарот се вметнати два прстени од зелен малахит. Помеѓу нив, на долната страна, се наоѓаат правоаголни полиња каде внимателно се гравираат имињата на секој светски шампион по 1974 година.

Но, тука лежи најголемата мистерија: математиката вели дека има простор за гравирање само до Светското првенство во 2030 година! Што ќе се случи потоа? Дали ФИФА ќе ја прошири основата, или пак светот ќе добие комплетно нов дизајн за Мундијалот во 2034? Одговорот засега го знаат само во Цирих.

Правилото кое го разбесни светот во Катар

Овој пехар не е обичен предмет, тој е света реликвија. ФИФА има застрашувачки строги протоколи за тоа кој смее воопшто да го допре со голи раце. Право на тоа имаат исклучиво играчите и селекторите кои го освоиле, како и шефовите на држави. Ниту еден обичен смртник не смее да ги стави рацете на него.

Токму затоа, арогантното однесување на познатиот турски месар и инфлуенсер „Солт Бае“ (Salt Bae) по финалето во Катар во 2022 година предизвика толку голем бес. Тој не само што им го уништи славењето на Аргентинците, туку дрско го грабна трофејот, брутално сквернавејќи ја најсветата фудбалска статуа.

За крај, треба да се знае уште една работа: модерните шампиони повеќе не го носат вистинскиот пехар дома. Сè до 2006 година, победникот го чуваше оригиналот четири години во својата држава. Денес, ФИФА го дозволува славењето на теренот, но веднаш потоа оригиналот се враќа во нивниот строг сеф во Швајцарија под силно обезбедување, а фудбалерите дома си заминуваат со позлатена реплика.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено