Фудбалската историја испиша нова, помалку бизарна страница за време на натпреварот од Групата Д на Светското првенство помеѓу Парагвај и Турција. Првата ѕвезда на јужноамериканската селекција, Мигел Алмирон, стана првиот фудбалер во историјата кој заработил директен црвен картон исклучиво поради покривање на устата за време на вербална конфронтација со противнички играч.
Инцидентот се случи во судиското продолжување од првото полувреме. Играта беше запрена поради прекршок врз напаѓачот на Парагвај, Исидро Пита. Додека играчите од двата тима се собраа околу играчот кој лежеше на тревата, Алмирон влезе во вербален дуел со турскиот дефанзивец Мерт Мулдур. Притоа, фудбалерот на Атланта Јунајтед свесно ја покри својата уста со раката додека му зборуваше на противникот.
Мулдур веднаш сфати што се случува, отрча кон помошниот судија и гестикулирајќи покажа што направил Алмирон. Главниот судија Иван Бартон доби повик од ВАР собата, ја прегледа снимката на мониторот покрај теренот и без двоумење му покажа пат кон соблекувалната на шокираниот Парагваец.

Корените на новото правило: Случајот со Винисиус Жуниор
За многумина навивачи овој црвен картон беше целосно нејасен, но тој е директен резултат на најновата промена во фудбалските правила. Бордот на меѓународната фудбалска асоцијација (ИФАБ) во април оваа година донесе одлука дека покривањето на устата при ситуации на конфронтација е казниво со директен црвен картон.
Ова драстично правило беше воведено по големиот скандал во февруари за време на натпревар од Лигата на шампионите помеѓу Реал Мадрид и Бенфика. Тогаш, Винисиус Жуниор го обвини Џанлука Престијани за расистички навреди кои Аргентинецот ги изговорил додека си ја криел устата со дресот. Иако Престијани ги негираше расистичките обвинувања, тој подоцна доби суспензија од шест натпревари поради хомофобично однесување.
За да стави крај на ваквите инциденти каде играчите ги кријат своите усни за да избегнат читање на навредите, ФИФА побара итна промена на правилата.
Што велат Колина и Инфантино?
Првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино, уште во март најави строги санкции за ваквото однесување, додека шефот на судиите, Пјерлуиџи Колина, неодамна детално го објасни новиот протокол
„Доколку станува збор за пријателски разговор, играчите можат да го прават тоа без никаков проблем, бидејќи нормално е пријатели да разговараат пред или по мечот. Но, кога станува збор за конфронтација, тоа е сосема друга приказна. Покривањето на устата значи дека потенцијално правите нешто многу погрешно. Тоа е нешто што се прави намерно, а не инстинктивно“, објасни Колина.
Во случајот со Алмирон, не постои никаков доказ дека тој навистина изговорил некаква навреда. Меѓутоа, според новите правила, самиот акт на покривање на устата за време на конфликт е доволен за исклучување.
Поради овој црвен картон, Алмирон автоматски ќе го пропушти решавачкиот натпревар на Парагвај против Австралија, а Дисциплинската комисија на ФИФА има право дополнително да ја продолжи неговата суспензија. За среќа на Парагвај, тие веќе водеа со 1-0 во моментот на исклучувањето и успеаја херојски да ја задржат предноста до самиот крај.



