Денес на Мундијалот: Меси по нова магија против незгодната Австрија, дерби на денот меѓу Норвешка и Сенегал!

 

Објавено:

Дванаесеттиот натпреварувачки ден на Светското првенство ни носи исклучително интересни пресметки во Групите И и Ј. Лионел Меси и Аргентина се пред сериозен тест, Франција ќе го потврдува својот статус на супер-фаворит, додека Норвешка и Сенегал ветуваат вистински фудбалски спектакл. Еве што нè очекува денеска на мундијалските терени.

Аргентина – Австрија (Група Ј)

  • Почеток: 19:00 часот
  • Стадион: „Џилет Стадион“ во Бостон, САД

Наше очекување: По лесната задача против Алжир каде Лионел Меси блесна со чудесен хет-трик во првото коло, Аргентина денеска се соочува со првиот вистински тест на шампионатот. Австрија игра фантастично под водство на Ралф Рангник, има серија од четири победи по ред и доста рутински се справи со Јордан (3-1) во отворањето. Иако Австријците ќе се обидат физички да доминираат и да го расипат ритамот на „Гаучосите“, сепак фудбалската интелигенција на 39-годишниот Меси останува нерешлива енигма. Очекуваме тежок натпревар, но типуваме на триумф на Аргентина благодарение на индивидуалниот квалитет.

Франција – Ирак (Група И)

  • Почеток: 23:00 часот
  • Стадион: „AT&T Стадион“ во Далас, САД

Наше очекување: Иако на Светските првенства секогаш има место за изненадувања, тешко е да се верува дека Ирак може да ја запре моќната Франција. Ирачаните се бранеа добро против Норвешка цели 76 минути пред да капитулираат (загубија со 4-1), но „Триколорите“ имаат застрашувачки напаѓачки арсенал. Дури и ако Дидие Дешам реши да ги одмори Мајкл Олисе и Дезире Дуе, тука се Баркола и Черки да направат разлика. Очекуваме апсолутна доминација на Франција и убедлива победа за сигурен пласман во следната фаза.

Норвешка – Сенегал (Група И)

  • Почеток: 02:00 часот (по полноќ)
  • Стадион: „МетЛајф Стадион“ во Њу Џерси, САД

Наше очекување: Ова е дефинитивно дербито на денот! Двете селекции важат за „темни коњи“ на овој турнир и поседуваат огромна огнена моќ. Норвешка во првото коло го скрши отпорот на Ирак предводена од Халанд и Одегард, додека Сенегал загуби од Франција (3-1). Сепак, Африканците оставија одличен впечаток, задржувајќи ги Мбапе и Дембеле во мирување повеќе од еден час, а пропуштија и неколку одлични шанси. Сенегал има квалитет и структура да му парира на норвешкиот напад. Очекуваме супер интересен и изедначен натпревар, па нашиот тип е реми.

Јордан – Алжир (Група Ј)

  • Почеток: 05:00 часот (наутро)
  • Стадион: „БМО Филд“ во Торонто, Канада

Наше очекување: Двете селекции го започнаа Мундијалот со порази и овој натпревар им е последна шанса да останат во игра за нокаут-фазата. Дебитантот Јордан се наоѓа во лоша серија од четири натпревари без победа и изгледаше прилично немоќно против Австрија. Алжир, од друга страна, на хартија има многу повеќе искуство на највисоко ниво. И покрај дебаклот против Аргентина во првото коло, Ријад Марез и компанија се поквалитетниот тим на теренот. Изненадувања се можни, но типуваме дека Алжирците ќе стигнат до сигурни три бода.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено